Пратеникот на ДУИ, Флорин Бесими, кој беше избран на листата во шестата изнорна единица, се откажа од пратеничката функција.
Бесими тврди дека одлуката ја донел откако била објавена листата на кандидатите за министри каде е предложен и неговиот брат, Фатмир Бесими, номимиран за министер за финансии. Бесими на својот Фејсбук профил објасни дека сака да остане принципиелен и да избегнува ситуации на конфликт на интереси.
„Останувајќи силно во принципите за еднаквост, правда, можност за сите и почитувајќи ги целосно и без двоумност законот и волјата на народот, ве информирам дека останувам принципиелен и се откажувам од мандатот на народен пратеник за да избегнувам можен конфликт на интереси со мојот глас во Собранието”, напиша Бесими.
Тој тврди дека одлуката ја донел на денот на објавувањето на кандидатите за новата извршна власт и во консултации и согласност со лидерот на партијата, Али Ахмети. Бесими пишува дека се враќа во служба на народот, таму кај што може да придонесе најмногу, на неговата професија и неговиот град.
Државната комисија за спречување на корупцијата вчера оцени дека Флорин Бесими не може да учествува во гласање на новата Влада, бидејќи на листата на кандидати стои и неговиот брат.
А. Зеќири