Вицепремиерoт за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на денешниот прв официјален состанок со Државната комисија за спречување на корупција разговараа за идната соработка во делот на откривање и спречување на корупција и воведувањето на механизми за непречено функционирање на ДКСК, како институција која има исклучително значење.
„Точките за кои сме согласни, за мерките кои треба да се преземат се опширни и бројни. Со мојата нова функција, која што ја охрабрува и ДКСК, ќе можам директно да асистирам во зголемување на ефикасноста и зајакнување на соработката со извршната власт“!, нашиша Николовски на Твитер.
Средбата се реализираше заради иницијално запознавање, со работа и надлежностите и на ДКСК и на Заменик претседателот на Владата, предизвиците поврзани со истите и можностите за меѓусебна соработка и координиран пристап во севкупната борба против корупцијата.
На состанокот се осврнаа на повеќе работи:
- – Законот за спречување корупција и судир на интереси, надлежностите и опфатот на работа на Државната комисија за спречување на корупцијата, издвојувајќи ги антикорупциската проверка на легислативата и детектирање и намалување на дискреционите овластувања на избраните и именуваните лица
- – Потребата од измени на Законот, врз основа на воочените проблеми констатирани од негова имплементација
- – Проблемите со просторната, човечката екипираност и техничката опременост на Државната комисија за спречување на корупцијата
- – Важноста на ДКСК во системот за борба против корупцијата, но и потребата од тесната соработка со Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, вклучувајќи имплементација на препораките од V-от круг на ГРЕКО,
- – Се понуди поддршка за остварување на некој од отворените прашања на Државната комисија за спречување на корупцијата како што се обезбедување на деловен простор, како и обезбедување на доволно буџет за остварување на законските надлежности на ДКСК во насока на изработка на софтверско решение за пополнување и електронско доставување на образецот за имотна состојба и интереси и за Регистарот за избрани и именувани лица.
Пред да се состави новата Влада, од СДСМ истакнаа дека приоритетите во следниот четиригодишен мандат е воспоставување на ред, правда, дисциплина во државата, како и силна, неселктивна борба против криминалот и корупцијата на сите нивоа.
„Задача на новата влада е да обезбеди ред и дисциплина во сите институции и да расчисти со криминалот и корупцијата на сите нивоа, без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер. Ќе има проверка на потеклото на парите и на капиталот кај секој функционер, како и санкции за оние кај кои е утврдено нечесно работење. Следува процес на прочистување на судството. Оние судии за кои ќе се докаже дека свесно застарувале предмети ќе бидат разрешени, а следува и ревизија на 5 отсто од судски предмети одбрани по случаен избор“, стои во нивното соопштение.
ЦИВИЛ одамна ги охрабрува и ги повикува граѓанките и граѓаните да се приклучат во борбата за спречување на корупцијата.
Граѓан(к)ите се клучен фактор во разоткривањето и спречувањето на корупцијата. Благодарение на граѓанското учество во процесите на одлучување, како и во мониторингот на ЦИВИЛ, ние денеска се бележиме значајни промени во законите и општеството.
Токму поради влијанието на граѓанското општество и граѓан(к)ите се зголеми и транспарентноста на државните институции.
Вашите информации кои се однесуваат на корупција, злоупотреба на службената должност и притисоци можете да ги пријавите на следниот линк.
ЦИВИЛ објави и публикација за антикорупцијата односно предизвиците што ги носи борбата против корупцијата. Публикацијата претставува избор од содржини објавени во рубриката МИСЛА на веб страницата www.civilmedia.mk од крајот на 2017 до средината на ноември, 2018 година, а организираше и конференција „За општество ослободено од корупција“ на 6 декември 2018, во пресрет на Меѓународниот ден против корупцијата и Меѓународниот ден на човековите права. На конференцијата учествуваа премиерот Зоран Заев, проф. Мирјана Најчевска, Џевдет Хајредини, Розета Трајан и низа други експерти.
А. П.












