Независниот академски синдикат (НАкС) на 31 октомври 2020 година ќе го одржи својот втор
конгрес, заокружувајќи период од четири години од работењето на синдикатот. Во услови на
пандемија, конгресот ќе се одржи онлајн. Во овие четири години се боревме да ги подобриме
условите во високото образование и науката, иницирајќи дискусија за проблемите и застапувајќи
долгорочни решенија.
„Во фокусот на нашата измината работа беа учество во изработка на новиот ЗВО, заснован на идеите зачнати од Професорскиот пленум; изработка на анализа на универзитетската автономија, каде преку споредба со други држави, покажавме дека кај нас најголем проблем претставува слабата кадровска и
финансиска автономија на универзитетите; изработка на анализи за финансирањето на универзитетите, научните институти и платите на академскиот кадар во државата. Податоците укажуваат дека исклучително ниското издвојување од 0.35% од БДП за истражување и развој ја рангира Северна Македонија на
дното во Европа. Истовремено, отсуството на јасни критериуми врз кои се утврдува висината
на платите на академскиот кадар претставува горлив проблем кој се провлекува со години; изработка на нацрт-Колективен договор и директно застапување на правата и интересите на академската заедница пред институциите“, велат од НакС.
Од НАкС најавија дека во наредниот период ќе се залагаат да бидат дел од создавањето на новиот Закон за научно-истражувачката дејност и дека се подготвени да понудат квалитетни решенија и политики базирани на анализи.
Накс ги повика колегите, професорите, научните и наставните работници и административниот кадар да се вклучат во синдикалното организирање за заедничко застапување за подобри работнички права, поквалитетно образование и поразвиена наука.












