пишува: АЛЕКСАНДАР Н.ПИСАРЕВ
Ќе почнам со… „Само неколку зборови за разликата меѓу пропагандата и убедувањето. Пропагандата е системска, планирана стратегија за да се убеди некој да заземе одредена позиција или став. Убедувањето, за да се постигне оваа цел, доколку наведува на погрешно резонирање, а со тоа и до погрешни ставови, може да биде алатка на пропагандата. За разлика од таа улога, убедувањето, доколку се потпира на цврсти докази и аргументи, во принцип е усогласување на ставови на поединецот визави аргументите на другиот. Пропагандата пак има институционална природа, силна идеолошка компонента и користи масовно убедување“. Со овој краток цитат од новинарската лекција „Новоговорот на пропагандата“, сакам да направам краток осврт на истражувањето објавено под наслов „Македонските граѓани сметаат дека не добиле ништо по првата година од членството во НАТО и би го вратиле името и по цената да го изгубиме членството во НАТО“ објавено деновиве во порталот Мкд.мк.
Ако 16,4 отсто на испитаниците на прашањето како би ја оцениле материјалната состојба во вашето домаќинство, одговориле дека ништо посебно не им недостасува и дека не се ограничуваат од никаков луксуз, 42,8 проценти изјавиле дека се однесуваат домаќински и се ограничуваат помалку само од луксуз, а 27,1 внимателно располагаат со парите, тоа е во рамките на стандардот на некои околни и некои подалечни земји, новопримени во НАТО далеку пред нас.
Изразито десната ориентација на медиумскиот простор каде е објавена оваа анализа нескриено се обидува да манипулира со граѓаните од две причини. Прво, акцентот го става на „материјалната состојба на вашето домаќинство“ и второ, отворено пропагира анти НАТО кампања во земјата која само пред година дена стана членка на Алијансата. Сугерира напуштање на НАТО, односно „враќање на името Македонија“, што значи поништување на меѓународен договор со Грција кој ги отвори вратите на државата за НАТО и ЕУ.
Дали е точно дека граѓаните на Република Северна Македонија би се откажале од членство во НАТО и дали анти НАТО расположението е толку силно?
Дури и во сега далечната 1997- 1999 година кога уште имавме не докрај решителна проатлантска ориентација замаглена со еквидистанца, конзервативниот воен и полициски врв на тогашното раководство на тогашната Република Македонија, не може да им се префрли на граѓаните дека кај нив не постоела желба државата да се здобие со членството во НАТО. И во политичките партии, и кај граѓаните, независно до зацртаниот формат на еквидистанца, во државата постоеше целосен консензус во однос на пристапување кон партнерство за мир како чекор до полноправното членството во НАТО. Ако го занемариме инцидентот со демолирање на Американската амбасада во Скопје 1999 година (изрежиран со десната нога во соседството), една и пол година подоцна кога Македонија беше изложена на најголемиот предизвик од нејзиното осамостојување – оружен револт на Албанците, и по успешното менаџирање на кризата што резултираше со усвојување на Охридскиот рамковен договор во лето 2001 година, пред вториот циклус на проширување на НАТО во самитот во Прага 2002, проатлантското расположение на јавното мислење во Република Македонија изнесуваше 90 проценти. Така високиот процент на консензус за членството во НАТО и според експертите на Алијансата беше оценет како – бројката е превисока.
Тргнувајќи од овие факти, неупатно е во државата која сѐ уште се соочува со бројни предизвици, да се шири анти НАТО расположение затоа што некој уште не го достигнал стандардот секој месец да купува Коко Шанел гардероба и други производи, иако тоа не зависи од членството во Алијансата.
Всушност, иако можеби некој тоа го очекуваше, не треба да биде исфрустриран затоа што НАТО не дели социјала, туку ги нуди сите предности на институцијата која е најпогодна за соочување со глобалните безбедносни предизвици и не само безбедносни. Глобализираниот свет бара глобална стабилност. Во тие рамки, се подразбира и заштита (ако треба и вооружена) на енергетските извори, енергетски коридори од кои зависи светскиот економски и трговски проток, големи инвестиции, но и заштита на човековите права, развој на демократијата, културните различности, слобода на изразување… за земјите како Македонија и територијалниот интегритет поцврст демократски и други развој.
Затоа е неупатно, освен ако не е тенденциозно, членството на НАТО и неговата функција да се споредуваат со „Златната рипка“ која на оние „разочарани“ „42 проценти просечни домаќинства кои се ограничуваат само од луксуз или на оние 27 кои мораат економично да располагаат со парите ќе им донесе „Коко Шанел“. И поради тоа, според истражувањето „дури 58,1 отсто од граѓаните би го вратиле името Македонија и по цената да го изгубиме членството во НАТО“.
РУСКИ ЧАЈ
Русија отворено кажа дека влезот на Македонија и натамошното проширување на НАТО кон исток се спротивни на нејзините интереси и дека „Ширењето на НАТО е грешка, и дека во однос на Македонија бара да се почитува усниот договор кој раководството на СССР предводено од поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, и подоцна од рускиот претседател Борис Елцин го постигнаа со политичките лидери на западниот свет по крајот на Студената војна: „Ние не еднаш ги предупредувавме колегите од НАТО дека таа линија, која претрпе три бранови на проширување, а сега ќе се случи уште еден бран, не само што претставува поткопување на сето она што се договаравме во деведесеттите години, дека никој нема да ја обезбедува својата безбедност на сметка на безбедноста на другите, туку претставува можеби и најсериозен предизвик за општата европска стабилност и безбедност“.
Политиката на Москва е поврзана воглавно со критиката на западните вредности и либерализмот.
Русија реагира на тој начин и ќе им ја даде својата поддршка на македонските националисти, и на другите политички сили кои ја попречуваат реализацијата на визијата на ЕУ за конечно решавање на балканските конфликти.
Таа својата политика, Русија ја гради најмногу на локалните актери кои се разочарани од долгото чекање за влез во Европската Унија. Најголем дел од работата ја извршуваат локалните актери, кои работат за сопствените интереси, а кои често се компатибилни со руските.
Русија беше иритирана кога неколкуте години додворување кон Груевски беа уништени од она што Москва го гледаше како уште една антируски обоена револуција инспирирана од Западот.
Домашните, и не само домашни аналитичари се сложни дека новата македонска влада на чело со Зоран Заев, во Москва е перципирана како непријателска и жестоко антируска. Кремљ некогаш отворено, некогаш скриено, дава поддршка на македонските националисти како политичка сила која е најспособна да ја „влече рачната кочница“ во нашето членство во НАТО. Русија можеби ќе преземе мерки за поддршка на анти-НАТО групи на македонски националисти. Исто така, можно е некои македонски националисти да излезат со анти-НАТО слогани со надеж дека ќе добијат руски пари.
Кога станува збор за руското влијание на Балканот, Русија применува „хибриден начин на војување“, односно ја користи зависноста на европските и балканските земји од руските енергенси превосходно од гас и „наградувајќи“ ги со гасот, влијае на донесување на одлуките и во оние земји кои се во НАТО или се сојузници и стратешки партнери на САД. Но кога тие одлуки не се во склад со руските интереси, ги „казнува“ – Влијае на политичките поделби во државите, ги поткопува повеќепартиските системи, ја подрива демократијата, го ослабува цивилното општество, влијае на медиумите да промовираат авторитарни тенденции како модел на стабилност.
Ваквите и слични методи, се проверени и добро познати на западните сојузници. „Овие методи се проверени и за жал успеваат како пропаганда, па не е случајно што и НАТО е мобилизирана да одговори на вакви пропаганди. Дури еден од заклучоците на последната седница на ниво на министри на одбрана на НАТО беше дека мора организирано да се опонира на ваквата пропаганда. Мислам дека е тешко како поединец или мала земја да опонираш на една ваква пропаганда. Затоа што таа е толку добро осмислена и методолошки и сепак доаѓа од држава која по ваков вид на делување има традиција, а и моќ. Така што, не случајна е потребата да бидеме во склоп на НАТО што ќе ни овозможи да ги користиме сите ресурси и методи за да можеме да се бориме против ваквиот тип на силна пропаганда. Мислам дека ова е загриженост која има поголеми димензии и во рамки на НАТО и ЕУ и затоа велам дека мора да се контролира и да се опонира на ваквите и слични активности“, смета Исмет Рамадани.
Падот на Груевски ги спречи плановите на Русија за Македонија, но неговите поддржувачи ќе преземат радикални чекори за да го деградираат членството на Македонија во НАТО.
За Кремљ се чинеше дека Груевски со неговото нелиберално однесување и влошувањето на односите со Западот, е добар кандидат за тимот на руските европски сојузници, заедно со Орбан, Земан или Додик. Падот на власта на Груевски ги спречи овие планови.
Но остана цела оваа пропагандна машинерија која шири анти-НАТО расположение и ги манипулира граѓаните. Тоа е сериозно предупредување, дека станува збор за нималку наивна работа која е присутна и веројатно ќе се засилува периодов, во пресрет на нови предизвици за Република Северна Македонија и пред НАТО и пред ЕУ.
Премиерот Заев е од почеток на завршниот процес за нашето членство во НАТО загрижен поради вакви тенденции: „Тие се свесни дека повратен процес е невозможен и дека меѓународни договори е многу тешко да се срушат, но во интерес на нечии интереси да се направи штета на направеното е многу лесно и да се изманипулираат граѓаните. Се работи за добро организирана структура која извлекува придобивки од нови тактики, облици и алатки за медиумска дискредитација, најчесто на личности и земји со евроатлантски аспирации. Ова е еден од оние обиди за директна штета на нашите стратешки интереси. Тоа се добро организирани структури за ширење влијанија во интерес на трети страни. Не е тешко да се процени дека манипулациите излегуваат од пропагандни медиуми со изразена анти-НАТО ориентација, кои секој ден шират лаги, и анти-НАТО расположение“.
Ова е нов аларм за нас, за цивилниот сектор и за целиот демократски свет, кој налага силна потреба за сеопфатна, организирана борба против лажни вести и манипулации.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.