пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Во општата ѓурултија од навреди, исмевања, лаги, плуканици и омраза што ја нарекуваме македонска јавност, особено се истакнува натпреварот за плукање на најдобрите меѓу нас. Отруената јавност е претворена во толпа за линч, која плука, каменува, распнува и беси секој кој мисли поинаку или е поинаков, подобар, поталентиран.
Плукачите стануваат сè погласни, а умните луѓе сè потивки.
Се преферираат ровови, омраза, насилство, „ние“ против „тие“, наместо дијалог, почит, меѓусебно разбирање.
Знаете зошто е тоа така. Оти, не се случува првпат низ историјата. Подривањето на вредностите и оцрнувањето на умните, прогресивните, вредните е клучен инструмент за заробување на луѓето и општествата.
Создавањето на општа ѓурултија од плуканици, навреди, лаги, насилство и омраза, во која е тешко се препознава кој е добар а кој лош, кој вреди а кој не вреди, е одлична магла. А во маглата, се знае, ловат волците, а страдаат – овците.
Да не должам со опис на симптомите на проблемот и болеста што ја гледате, знаете и чувствувате секој ден. За да не биде ова уште една празна ламентација над позната хронична состојба, Младиќот и кристалната топка, како и секој пат, ќе ви понудат и чаре и лек, а како рекле старите, добрите лекови не чинат ни пет пари.
Со оглед на ургентноста на ситуацијата, за да гледате подобро во оваа магла и да не се претворите во плен, применете ги следниве кури:
- Барајте ги умните и разумни луѓе, кои и за арно и за лошо, не навредуваат, не плукаат, не клоцаат легнати, не се закануваат, дискутираат со почит и аргументи, знаат да слушаат, не манипулираат со вистината, знаат да прифатат грешка…
- Барајте ги луѓето што нудат реални решенија за проблемите, и се подготвени на конструктивна дебата за нив. Решенија, кои се во полза на сите, а не само на одредени тесни групи на интерес. Оти многу е полесно да се констатираат проблеми, за тоа сме сите експерти.
- Барајте луѓе кај кои помалку го слушате зборот „јас“.
Таквите луѓе чувајте ги. Поддржете ги во тоа што го прават, дебатирајте со нив за решенијата и иднината. Еден ден, ќе мора да се излезе од рововите. Се надевам што побргу, оти без тоа, без соработка за заедничкиот, општиот и јавен интерес, немаме иднина, никој од нас на ова парче земја. Кога ќе дојде тој ден, токму тие луѓе ќе ги градат мостовите кон иднината.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.