Косово ги искара лидерите кои до вчера изгледаа пријатели и промотори на Балканскиот “мини-шенген”. Претседателот на Србија и премиерот на Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама, излегоа со изјави кои одат во сосема спротивен правец од тие кои беа дадени последните месеци. Прв почна претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој по повод годишнината од насилните протести што се случија на 17 март 2004 година, објави порака на Инстаграм профилот, со карта на Косово покриена со српско знаме.
“Косово не е наш товар, туку наш крст, и од крстот се гледа подобро отколку под него воскреснувањето”, напиша Вучиќ.

Ден потоа, 250 медицински работници од Косово отидоа во Кукс за вакцинација против Ковид -19 со вакцини што ги доби Албанија, но без право да ги испратат надвор од државата. Рама ја искористи оваа прилика да му одговори на Вучиќ со контра изјава поврзано со Косово. Со иронија за мапата, Рама му возврати на “другарот од Белград”, дека Косово и Албанија се едно, а иднината „се знае”.

„Задоцни малку другата страна, но добро е што се случи вака после таа мапа која ја извади вчера тој другарот во Белград, играјќи со кукли на Фејсбук. Ние сме едно, иднината се знае која е. Иако имаме разлики за начинот како се стига до иднината, за тоа сонуваме и работиме сите. А во сегашноста сме апсолутно едно. Многу сум среќен што ја скршивме таа страшна блокада на неможноста за вакцинација од Косово”, изјави Рама.
По објавата на Вучиќ реагираа претставници на Европската Унија кои ги предупредија лидерите во Белград и Приштина и повикаа да се воздржат од активности што ќе влијаат на процесот на нормализирање на односите.
“Како што рековме многу пати во текот на годините, Србија и Косово треба да се воздржат од акти и изјави што се контрапродуктивни за нормализирање на нивните односи и да работат на постигнување сеопфатен договор”, нагласи портпарол на ЕУ.
Тој потсети дека ЕУ секогаш ги повикува сите политички чинители во Србија, Косово и остатокот од регионот да се вклучат во активности и декларации што создаваат и промовираат атмосфера погодна за помирување, регионална стабилност и соработка, наместо да го прават спротивното.
Оваа јавна полемика меѓу Рама и Вучиќ е втора по ред, а прва после неколкуте средби за мини шенгенот. Првиот пат Рама при посета на Белград апелираше Србија да ја признае новата реалност за Косово на што оштро реагираше Вучиќ кој изјавата ја процени како провокација.
Арбен Зеќири