Амбасадата на САД во земјава на својата Фејбук страница објави дека заменик помошникот државен секретар Палмер разговарал со Мицкоски.
Разговорот доаѓа три дена пред средбата Заев-Мицкоски.
-Заменик помошникот државен секретар Метју Палмер разговараше со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска за да ја истакне важноста што САД му ја придаваат на најновиот НАТО сојузник којшто има стабилни институции кои демонстрираат евроатлантски вредности, а особено потребата од конструктивна и ангажирана опозиција, се наведува во објавата на Амбасадата на САД.
Палмер, како што објави Амбасадата на САД, го охрабрил Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат со останатите со цел да се надминат предизвиците со коишто се соочува земјата, вклучително и решавањето на разликите со Бугарија, како и обезбедување успех на пописот на населението, што е важна статистичка алатка за подобрување на управувањето.
-Во разговорот беше потврдено стратешкото пријателство со САД, и посветеноста во исполнување на агендата поврзана со НАТО Алијансата и исполнување на потребните демократски вредности. Од страна на претседателот Мицкоски беше истакната потребата за почитување на принципите за владеење на правото и правната држава, како и неопходноста од реформи кои ќе значат одлучна борба против криминалот и корупцијата, се наведува во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, се додава, била истакната потребата од дијалог на највисоко ниво за клучните прашања важни за граѓаните и заедничкиот напредок.