По средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, премиерот Зоран Заев изјави дека решението што произлегува од разговорот со Мицкоски, е во консултација и со коалиционите партнери од албанскиот блок, ДУИ и БЕСА.
„Во текот на пауза искористив прилика да консултирам претседателот на државата, на Собранието, претседателите на ДУИ и БЕСА, а во среда имам средба и со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Се договоривме да се одложат изборите за вториот дел од октомври и пописот за септември, заради имунизација на населението и попишувачите. Важно е дека дијаспората ќе продолжи да се попишува и ја користам приликата да повикам сите граѓани како дома така и надвор да се попишуваат. Делот за кој се договоривме е и деблокирање на Собранието, што е многу важно за градбата на Клинички центар, законите за пензионирање, законите од европската агенда, за справување со пандемијата и помош на населението и стопанството. Прифативме уште утре како измена во Изборниот законик да влезе гласање со отисок“, изјави Заев.