Во новата учебна година повеќе нема да има печатени дневници во основно и средно образование, соопшти Бирото за развој на образованието. Наместо во дневник, информациите за учениците ќе се запишуваат само електронски. Измената е на барање на наставниците, кои сакаат да бидат растоварени од обврската да водат двојна евиденција во воспитно-образовниот процес.
Според БРО, ова не е никаков проблем за наставниците кои веќе знаат да пополнуваат електронски дневник и дека тој со години е дел од образовниот систем.
Електронската евиденција ќе ја водат околу 25.000 наставници и професори, и исто и како и во печатените, во електронските дневници, освен оценките, ќе се внесуваат информации за изостаноците и активностите на учениците.
Процесот на дигитализација на образованието е една од приоритетите на Владата, чија цел е модернизација и интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор.
Од Министерството за образование и наука истакнуваат дека се подготвени за почнување на новата учебна година и во услови на пандемија.
Оттаму повторуваат дека најдобро сценарио е наставата со физичко присуство со сите ученици, согласно со распоредите за почеток на наставата.
Доколку има драстична промена во епидемиолошката слика, тогаш би требало да се промениме сценариото со хибридна настава – една недела во училиште, една онлајн, а третото најмалку посакуваното сценарио е најголем дел од наставата да се одвинва од далечина или онлајн.