Лидерите на Европската Унија и земјите од Западен Балкан на 25 ноември одржаа самит во Брисел, на кој беше потврдена стратешката важност на проширувањето на ЕУ и европската перспектива на регионот. Во завршната декларација, европските лидери порачаа дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, но истовремено повикаа на забрзување на реформите, особено во областа на владеењето на правото и основните демократски принципи.
Самитот, со кој претседаваше претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се одржа во присуство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и лидерите од регионот. Главните теми беа проширувањето, постепената интеграција на земјите од Западен Балкан во единствениот европски пазар, безбедноста, регионалната соработка и одговорот на геополитичките предизвици.
Во Бриселската декларација, ЕУ ја повтори својата „целосна и недвосмислена посветеност“ на членството на земјите од Западен Балкан, оценувајќи дека проширувањето претставува стратешка инвестиција во европскиот мир, безбедност, стабилност и просперитет.
Сепак, европската перспектива останува поврзана со конкретни резултати. Од земјите во регионот се бара да ги забрзаат реформите, особено во фундаменталните области, да ги исполнат преземените обврски и да покажат мерлив напредок во процесот на пристапување.
Европските лидери нагласија дека процесот мора да се заснова на сопствените заслуги на секоја земја, кредибилни реформи и доследно почитување на условите за членство. Истовремено, и самата ЕУ треба да ги унапреди подготовките и реформите за функционирање на поширока Унија.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека земјите од регионот треба да го задржат реформскиот моментум и да ги исполнат обврските што ќе им овозможат напредок кон членството.
Една од централните теми беше Планот за раст за Западен Балкан, започнат во 2023 година, кој предвидува до шест милијарди евра за реформи и инвестиции, со цел забрзување на економското приближување кон ЕУ и постепено вклучување на регионот во единствениот европски пазар.
Во декларацијата се посочуваат неколку конкретни области во кои веќе се остварува постепена интеграција:
- проширување на европската иницијатива „Роаминг како дома“ кон Западен Балкан;
- вклучување на четири партнери од регионот во шемите на Единствената европска платежна област (SEPA);
- развој на системи за инстант плаќања;
- олеснување и модернизација на граничните премини;
- дигитална поврзаност и воведување европски дигитални услуги.
Од земјите во регионот беше побарано да ја искористат оваа можност и навремено да ги спроведат реформите, особено затоа што Планот за раст влегува во својата завршна фаза.
Геополитичката состојба, руската агресија врз Украина, конфликтите на Блискиот Исток и засилената глобална конкуренција беа наведени како причини за продлабочување на соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан.
Во декларацијата се потврдува поддршката за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, заснован на Повелбата на ОН и меѓународното право, со цврсти и веродостојни безбедносни гаранции за Украина.
Посебно внимание беше посветено и на усогласувањето на надворешната и безбедносната политика на земјите од регионот со онаа на ЕУ, вклучително и спроведувањето на европските рестриктивни мерки кон Русија.
ЕУ најави продолжување на поддршката за земјите од Западен Балкан во справувањето со кибернетичките и хибридните закани, странското информациско манипулирање и мешање, кои можат да ги поткопаат демократските институции и процесот на проширување.
За Северна Македонија особено е значајно што во декларацијата повторно се нагласува потребата од спроведување на меѓународните договори во добра верба и со конкретни резултати. Експлицитно се наведени Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Документот, исто така, ја нагласува потребата од реформи во владеењето на правото, независноста на медиумите, слободата на изразување, родовата еднаквост и зајакнувањето на граѓанското општество.
Овие пораки се особено важни за земјава, која и понатаму се соочува со предизвици во процесот на пристапување кон ЕУ. Политичката поддршка за членство сама по себе не значи напредок во преговорите без исполнување на преземените обврски и спроведување на реформите.
Б. Ј.












