Полските истражни органи потврдија дека трите објекти што на 20 ноември го нарушиле воздушниот простор на Полска и паднале на нејзина територија биле руски крстосувачки ракети од типот Х-101. Со ова се менува првичната проценка на полските власти, според која станувало збор за две ракети и еден млазен дрон.
Според соопштението на Окружното обвинителство во Лублин од 22 ноември, на трите локации каде што паднале објектите биле пронајдени фрагменти од руски ракети Х-101. Прелиминарните наоди покажуваат дека ракетите биле произведени во четвртиот квартал од 2026 година во фабрика во Дубна, во Московската област на Русија.
Обвинителството нагласи дека станува збор за прелиминарни наоди и дека пронајдените делови и другите форензички докази ќе бидат предмет на дополнителни специјалистички анализи. Истражните активности на локацијата кај Молодиќ треба да продолжат, додека работата на другите две локации е завршена.
Информацијата ја објавија полското јавно радио и меѓународните новински агенции, повикувајќи се на обвинителските наоди.
Полскиот премиер Доналд Туск оцени дека нарушувањето на воздушниот простор не изгледа како случаен инцидент и дека постојат индикации за намерна провокација од Москва.
Особено внимание привлече времето на инцидентот. На 20 ноември во Полска се одржуваа воени вежби на Коалицијата на подготвените, во кои учествуваа сили од повеќе европски држави, меѓу нив Франција, Велика Британија и балтичките земји.
Вежбите, познати како „Koalicja“, беа организирани во близина на Новa Демба и беа насочени кон координација, распоредување сили и подготовка за можна идна безбедносна мисија поврзана со Украина.
Полските власти ја посочија временската совпадливост како особено значајна. Сепак, дали станува збор за намерно насочена операција против Полска или за друг вид провокација, треба да биде предмет на дополнителна безбедносна и разузнавачка проценка.
За време на нападот врз Украина, полските вооружени сили активирале воздушна одбрана, а во воздух биле подигнати полски Ф-16 и шведски авиони Грипен, со поддршка од холандски авион за дополнување гориво и авион за рано предупредување.
Според полските воени претставници, радарските системи регистрирале 11 објекти кои потенцијално можеле да претставуваат закана за полскиот воздушен простор. Три од нив ја преминале границата.
Не биле употребени оружени системи за соборување на објектите. Военото раководство објасни дека не биле исполнети сите услови предвидени за нивно ангажирање.
Полска побара дополнителни ресурси од НАТО, вклучително и засилување на воздушниот надзор и одбранбените капацитети во рамките на операцијата „Eastern Sentry“, воспоставена за заштита на источното крило на Алијансата.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го оцени нарушувањето на полскиот воздушен простор како опасно и изрази солидарност со Полска.
Северноатлантскиот совет треба да разговара за инцидентот на 23 ноември, во рамките на консултациите меѓу сојузниците.
Инцидентот од 20 ноември се надоврзува на серијата нарушувања на воздушниот простор на земјите од источниот дел на НАТО од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Особено значаен беше инцидентот од септември 2025 година, кога руски беспилотни летала навлегоа во полскиот воздушен простор, по што НАТО ја засили воздушната одбрана на источниот дел од Алијансата и ја активираше операцијата „Eastern Sentry“.
Во јули 2026 година, ракета Х-101 исто така падна во поле во близина на полското село Тарнава-Колонија. И тогаш немаше жртви.
Повторувањето на ваквите инциденти отвора прашања за способноста на НАТО да ги открива и пресретнува заканите што доаѓаат од правец на Украина, но и за ризикот од проширување на војната надвор од украинската територија.
Иако нема човечки жртви и значителна материјална штета, станува збор за директно нарушување на воздушниот простор на членка на НАТО, во период на интензивни руски напади врз Украина и засилена европска воена координација.
Б. Ј.












