„Силата на Украина е сила на Европа. Слободата на Украина е слобода на Европа. А иднината на Украина е иднината на Европа.“
Со оваа порака Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода, го заврши своето обраќање на настанот „Украина: Силна и слободна“, одржан на 23 ноември во Скопје, по повод Денот на достоинството и слободата на Украина.
Во своето обраќање, Дерала нагласи дека борбата на украинскиот народ одамна ги надминува границите на Украина и директно се однесува на иднината на демократијата, слободата и безбедноста во Европа и пошироко.
Слободата не е подарок од моќните
Потсетувајќи на Портокаловата револуција во 2004 година и Револуцијата на достоинството во 2013–2014 година, Дерала истакна дека Украинците се спротивставиле на авторитаризмот, корупцијата и обидите да им се одземе правото самостојно да ја определуваат својата иднина.
„Тие бараа достоинство. Бараа слобода. И одбија да се предадат“, порача Дерала.
Тој нагласи дека Русија одговорила со агресија, окупација, уништување и терор, кои продолжуваат и денес.
„Украина возврати со борба. И продолжува да се бори.“
Според Дерала, украинскиот отпор испраќа порака што е од суштинско значење за демократските општества.
„Слободата не е подарок од моќните. Таа е право што луѓето го бранат, понекогаш по највисока можна цена.“
ЦИВИЛ: Солидарност со Украина од 2014 година
Дерала истакна дека солидарноста на ЦИВИЛ со Украина не произлегува од моментални политички околности, туку од принципиелната определба на организацијата уште од почетокот на руската агресија во 2014 година.
„За ЦИВИЛ – Центар за слобода, и за мене лично, солидарноста со Украина отсекогаш била прашање на принцип, уште од првите денови на руската агресија во 2014 година“, рече Дерала.
Тој посочи дека Револуцијата на достоинството била важна лекција не само за ЦИВИЛ, туку и за милиони луѓе во светот.
„Борбата на Украина не се однесува само на нејзината иднина. Таа се однесува на темелните принципи на демократијата, слободата и човечкото достоинство.“
Повеќе од 11.000 објави за Украина и борба против дезинформациите
Посебен дел од обраќањето беше посветен на медиумската работа на ЦИВИЛ од почетокот на руската инвазија од големи размери на 24 февруари 2022 година.
Дерала истакна дека тимот и соработниците на организацијата се мобилизирале за документирање на агресијата и разоткривање на руската пропаганда и дезинформациите, кои се шират низ Европа, ја поткопуваат солидарноста со Украина и ја загрозуваат демократијата однатре.
Според податоците што ги изнесе Дерала, ЦИВИЛ објавил повеќе од 11.000 текстови за Украина, вклучително и повеќе од 2.000 анализи и извештаи за дезинформации и хибридно војување, на македонски, албански и англиски јазик.
Дерала потсети и на својот авторски ангажман, со две објавени книги посветени на Украина и трета книга во подготовка.
Тој упати посебна благодарност до новинарите, уредниците, аналитичарите, волонтерите и соработниците на ЦИВИЛ.
„Ви благодарам што ја браните вистината и стоите со Украина“, порача Дерала.
Украина не е дефинирана од она што Русија го уништила
Осврнувајќи се на своите посети на Украина и средбите со луѓето кои секојдневно се соочуваат со последиците од руската агресија, Дерала сподели една од најсилните пораки во своето обраќање:
„Украина не ја дефинира она што Русија го уништила, туку она од што нејзиниот народ одбива да се откаже.“
Тој нагласи дека солидарноста на ЦИВИЛ се развива и преку меѓународни партнерства и иницијативи.
ЦИВИЛ е еден од коосновачите на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (Defending Democracy Global Initiative – DDGI) и Вестминстерската алијанса за Украина (Westminster Alliance for Ukraine – WA4U), кои поврзуваат бранители на човековите права, парламентарци, новинари и граѓански организации од Европа и пошироко.
Нивните активности се насочени кон спротивставување на пропагандата, јакнење на демократската отпорност и мобилизирање меѓународна солидарност.
„Нема одлуки за Украина без Украина. Нема мир без правда. Нема безбедност изградена врз наградување на агресијата“, нагласи Дерала.
#WarmthForUkraine: Солидарноста мора да се претвори во конкретна помош
Дерала се осврна и на хуманитарната димензија на поддршката за Украина, особено во услови кога руските напади врз енергетската инфраструктура го загрозуваат секојдневниот живот на цивилното население во пресрет на зимата.
Тој ја истакна поддршката на ЦИВИЛ за иницијативата #WarmthForUkraine, како и напорите за мобилизирање хуманитарна солидарност низ Балканот и пошироко.
Во тие активности, како што посочи, внимание се посветува и на помошта за новинарите што работат во близина на фронтовските линии, во соработка со Media Dialogue / European Youth4Media Network и други партнери.
„Нашата солидарност мора да допре до луѓето таму каде што живеат, каде што страдаат и каде што се борат да преживеат“, истакна Дерала.
Достоинството има лица, имиња и човечка цена
Во завршниот дел од обраќањето, Дерала се осврна на фотографските изложби „Револуција на достоинството: Европскиот избор на Украина“ и „Заедно за враќањето“, претставени во рамките на настанот.
Тој нагласи дека изложбите ја поврзуваат храброста на учесниците во Револуцијата на достоинството на Мајдан со храброста и истрајноста на Украинците денес.
„Тие нè потсетуваат дека достоинството не е апстрактен концепт. Тоа има лица, имиња, семејства, сеќавања и огромна човечка цена“, рече Дерала.
Според него, Европа мора да разбере дека Украина не ги брани само своите граници, туку и принципите врз кои е изградена демократска Европа.
„Тие принципи не можат да опстанат само преку декларации. Потребни се посветеност, одговорност и дејствување“, нагласи тој.
Посебно место во заложбите на Дерала за слободата на новинарите и човековите права има случајот на Вилен Темерјанов, кримскотатарски новинар и политички затвореник, уапсен од руските окупациски власти во август 2022 година и осуден на 14 години затвор. Како негов јавен застапник, Дерала континуирано бара негово итно ослободување. Последните информации за сериозното влошување на здравствената состојба на Темерјанов ја засилуваат загриженоста и итноста на меѓународната реакција. Во пресрет на најавените нови преговори за размена на заробеници и ослободување на цивили, се отвора нова надеж и за неговото враќање на слобода, иако засега нема потврда дека е вклучен во евентуална размена. Неговата слобода останува прашање на правда, човечко достоинство и одбрана на независното новинарство.
Дерала го заврши своето обраќање со пораката:
„Силата на Украина е сила на Европа. Слободата на Украина е слобода на Европа. А иднината на Украина е иднината на Европа.“
„Слава на Украина!“
Настанот „Украина: Силна и слободна“ го организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода, во соработка со Амбасадата на Украина во Северна Македонија, по повод Денот на достоинството и слободата на Украина. Програмата опфати обраќања на претставници на дипломатската заедница и граѓанското општество, фотографска изложба посветена на историската и современата борба на Украина за слобода и презентација на хуманитарна иницијатива за поддршка на украинскиот народ.
Д. Муратов












