Еден македонски и еден црногорски хеликоптер попладнево ќе го гасат пожарот во Општина Сарај кај селата Раовиќ и Буковиќ, иако пожарот веќе е локализиран во делот на с. Раовиќ.
Надица В’чкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК), информораше дека “дел од пожарот во село Раовиќ во Општина Сарај е локализиран, но кај с. Буковиќ, с. Чајлане кон Матка сѐ уште е активен. Во попладневните часови на овој пожар ќе се интервенира и од воздух од Воздухопловниот винг со македонски армиски хеликоптер и хеликоптер на Република Црна Гора”.
Пожарот кај селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп е активен, но со слаб интензитет. Како што кажа, В’чкова , пожарот е на непристапен терен, тоа е приземен пожар каде гори лисна постилка и сува трева. Во високиот дел има чадење, но засега не постои опасност за проширување. Кај пожарот интервенираат екипи од прилепската локална самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување и екипи на МВР од Прилеп и Битола.
В’чкова истакна дека е реактивиран и пожарот над с. Безгаштево, помеѓу Берово и Струмица, на кај с. Нивичани на браната Турија. Утре изутрина, како што кажа, ќе се преземат активности за негово локализирање, бидејќи се работи за тешко пристапен терен на кој е потребно повеќе од три часа да се стигне до локацијата.
„Пожарот во демиркапиското с. Барово е веќе ставен под контрола, иако во внатрешноста на опожареното подрачје сѐ уште постојат поедини места каде што се забележува чадење”, рече В’чкова.
Од ЦУК повторно нагласија дека човечкиот фактор е најчеста причина за избувнувањето на пожарите на отворен простор низ земјава, било да станува збор за намерно или ненамерно потпалување.
„За превенција и откривање на сторителите и спречување на подметнување на пожари на отворен простор, МВР засилено настапува на терен и има ангажирано наду 600 полициски службеници. Досега, во гасењето на пожарите учествуваа полициски службеници од специјалните единици, а беше ангажиран и хеликоптер на МВР”, рече В’чкова.












