Законот за дивоградби помина на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, а забелешките во наредните денови ќе бидат разгледани од Министерството за транспорт и врски. Министерот Благој Бочварски вели дека има простор за дискусија и во Владата и во Собранието.
Законот низ транспарентна постапка ја помина процедурата на ЕНЕР, се дадоа одредени забелешки кои наредните денови ќе бидат разгледани во Министерството по што законот ќе го доставиме до Владата и кога ќе го имаме конечниот текст, ќе го доставиме и до Собранието, изјави денеска министерот Благој Бочварски, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во градежните активности на улицата „Париска“ во Тафталиџе 1.
Посочи дека на Предлог-текстот имаат забелешки доставени од граѓани и граѓански здруженија, а во делот на законот кој се однесува на заштитетните подрачја рече дека внимателно постапуваат.
Министерот, одговарајќи на новинарски прашања по обвинувањата од опозицијата дека за седум месеци се реализирани само 30 проценти од капиталните инвестиции, нагласи дека не се согласува со тврдењето дека реализацијата на капиталните инвестиции е ниска. Очекува капиталните инвестиции да растат, бидејќи сега е период на градежни активности и на крајот на годината на ниво на држава да има 80 проценти реализација. Потсети дека и минатата година во време на ковид криза, реализацијата на капиталните инвестиции била 80 проценти.












