Северна Македонија е пријател на Словенија. Местото на Северна Македонија е во Европската унија, Словенија ќе направи се што е во нејзината моќ да станете што побрзо полноправна членка на ЕУ. Ја имате целосната поддршка на Словенија. Ќе се потрудиме да им кажеме на нашите бугарски пријатели дека и во нивен интерес е Северна Македонија да стане членка на ЕУ.
Ова го истакна Матеј Тонин заменик премиер и министер за одбрана на Словенија, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, на заедничката прес – конференција во Охрид со неговиот домаќин министерката Радмила Шекеринска.
Денеска меѓу Северна Македонија и Словенија постои еден вид стратешко партнерството кое ќе се заклучи со формален договор меѓу државите. Сигурен сум дека оваа соработка ќе биде поинтензивна. Го чекам денот кога ќе станете полноправна членка на ЕУ, порача Тонин.
Министерката Шекеринска информира дека со Тонин споделиле искуства за состојбата со наши граѓани или воени лица во Авганистан, и изразија длабока загриженост и силна осуда на она што вчера се случи во Кабул, во Авганистан, во нападите во кои животите ги изгубија и војници и цивили.
Според неа, она што сега се случува во Авганистан не е само закана за безбедноста на цивилите, воените структури кои се уште се таму, туку и генерално опасност за регионот, а последиците се чувствуваат на европско тло.
Министерката Шекеринска потенцира дека во делот на одбранбената соработка со Словенија имаме историја на многу интензивни заеднички вежби, во Словенија и во Северна Македонија. Најави дека во 2022 година планираат и тоа денеска е потврдено, заедничко учество на контингент од Армијата на Северна Македонија како дел од словенечките трупи во НАТО-мисијата во Летонија. Очекува дека од јуни 2022 година ние ќе можеме да ги испраќаме првите офицери и војници заедно со своите словенечки колеги да заминат на оваа мисија во Летонија.
На средбата двајцата разговарале и за соработката на подрачјето на заштитата и помошта за С Македонија во однос на справување со пожарите.
Шекеринска изрази благодарност за, како што рече, огромната поддршката што три децении ни ја дава пријателска Словенија. Изрази лична благодарност и во име на Владата и на цела држава за големата помош што ни ја даде Словенија и министерот Тонин во гаснењето на пожарите што ја зафатија нашата држава. Посочи дека помошта од Словенија стигнала во едно деноноќие, со пожарникари, соодветна опрема и пожарникарски возила кои се упатиле во Малешевијата.
Министерот Тонин кој од вчера престојува во официјална посета на Северна Македонија, од Охрид, заедно со министерката Шекеринска ќе заминат за Берово, каде што ќе имаат средба со градоначалникот Звонко Пекевски. Од името на граѓаните на беровскиот регион Пекевски ќе му врачи на словенечкиот министер Плакета за Здружените сили на цивилна заштита на Словенија, во знак на благодарност за брзата реакција во справувањето со шумските пожари кои летово ја зафатија нашата земја.












