ВОЈО МАНЕВСКИ
За овие две години откако нѐ нападна овој вирус, научив толку многу термини што во нормално време немаше да ме интересираат ништо повеќе од временската прогноза за месеци однапред. Но од виша сила нема бегање и сакал не сакал научив што е тоа состојба на организмот, коморбидитети, сатурација и низа латински изрази за кои има и наши зборови, ама умно звучат на латински. Докторите се во политика, па ние кутрите мора да сме во тренд.
Така, веќе не сме сомнителни, туку суспектни и мора да се престроиме со новата мода на изразување. Освен човечкиот организам има ли и државата некаков организам, некаков систем според кој може да се стави во редот на важните поими? Долг би бил редот ако ги ставам мислењата на важните личности од историјата што државната организација ја споредувале се жив организам. Историјата кај нас не е многу конјуктурна наука, па затоа ќе се потпрам на сопствената перцепција.
Државата има низа на системи од кои зависи вкупното функционирање на заедницата. Економијата, безбедноста, образованието, сообраќајот, културата, спортот сѐ се тоа делови од организмот на државниот систем. Ако вирусот сериозно ги напаѓа заболените делови на организмот, што ги напаѓа државните органи? Кој е тој вирус, која е таа болест? Неодговорноста е состојбата на организмот, а корупцијата е вирусот што ги напаѓа заболените делови на организмот.
Што ли ме натера да вака ученички расчленувам нешто што и не е тешко да се согледа? Една интересна случка ја подигна мојата суспектност на повисоко ниво. Кога неколку новинари седат на далечина од неколку метри, згуснатоста на воздухот е директно поврзана со времето на дружењето. Теми и дилеми колку сакаш, но секогаш се појавува некоја искра која веднаш запалува креативен оган.
Додека разглобувавме економски теми во канцеларијата на Цивил, на Џабир му донесоа три поштенски пратки и додека ги отвораше, лицето му потсетуваше на резултат од тест по Ковид. Веројатноста на податоците е околу 50%, плус важи само кратко време. Сите писма беа од реномирани домашни странски институции, но во нив беа честитки за Нова Година. Бидејќи актуелниот датум беше 15 февруари, неизбежен е коментарот за должината на патувањето на пратките преку Македонски пошти.
Поштата е еден од симболите и органите на една држава и доколку не успее да ги сервисира потребите на другите делови од истиот организам, тогаш саркастичното подбивање со состојбите е најмалата критика. Се сменија технолошките облици на услугите што ги нуди една национална пошта, но институцијата постои, а не дава резултати. Колку овој орган од државата е со коморбидитети и е суспектен на многу болести.
Палењето на убавата централна зграда, руинирани објекти со избледени светлечки реклами со жолта боја и три букви ПТТ, запустени приоди до просториите на поштата, влезни врати што се отвораат со рударски напор се доказ за суспектноста на тој орган од државниот организам. Најлесно е дијагнозата да ја пополниме со одбранбениот механизам – партиските кадри се уништија. Небаре тие кадри се од некој друг универзум. Таа дијагноза е веројатно само една од причините што го заболеле организмот. Неодговорноста кон заeдничкото и кон државата како збир на институции што треба да се од заедничка корист е општата анамнеза на заболувањето.
А има и нешто позитивно во доцнењето на писмата. Еeе, кога дневните пресови на партиите би се праќале по пошта. Актуелните навреди што во еден прес се собрани ќе станат милозвучни пораки додека стигнат до другата страна. Па додека се смисли одговор и тој стигне до првиот праќач сѐ ќе стане веќе како разблажен отров. Или ќе му пише Мицковски на Ковачевски. Додека писмото стигне ќе се изградат десеттина нови ставови и малку подлабоко ќе се размисли за нив. Дневна политика нема да има, ама и нема кој да плаче за неа. Ќе биде како сумамед кој се даваше на заболените од корона. Сите го користеа, иако од него нема корист за таа болест. Додуша, има опасност од отворање на писмата и предвремено читање, ама на тоа сме навикнати како постапка без разлика кои технолошки средства се користат. Варијациите на темата доцнење на поштата се големи и ќе ги оставиме на визиите на партиските машинерии кои често го употребуваат тој термин.
Цела среќа што во животот има и убави работи кои не смеат да бидат во близина на темите од политиката.
Замислете нашата пошта да пренесува убави љубовни писма. Со брзината со која ги праќа новогодишните честитки, големи се шансите љубовниот жар да се олади и убавите зборови да добијат неуверливо значење. Ако сепак писмото стигне до емотивниот партнер и тој испрати одговор, па и тој стигне со иста брзина страв ме фаќа за последиците. И вака бројот на подмладокот е на ниски гранки, а со таква брзина на поштенските услуги директно треба поштата да ја обвиниме за деструкција на националниот наталитет.
Добро е, кога поштата ги носи со истата брзина сметките за комуналии и други давачки. Со таква брзина имаме време да подготвиме суплементи за очекуваниот стрес од износите на сметките. Е овде имаа поштата пофалба за грижата за народното здравје. Само нејзината брзина треба да се стави во протоколот на Министерството за здравство за лечење на транзициски болести. Секое лошо и за добро е, што би рекол нашиот народ.
Јас секако сум во опасност ако преку пошта ја известам сопругата дека ќе задоцнам од некоја седенка со исписниците и сопатниците на ова време. Поштата нема да ја извести на време, а јас секако ќе бидам суспектен за пречекорување на дозволено време. Известувањето кога ќе пристигне, како оправдување, веројатно треба да стои на ред до следните прекршоци, како ред на доверители кај добар дел од извршителите. Или пак ќе поминам со една кавга, како кога владата со еден потез ги разрешува неодговорностите од низа гарнитури директори. Срам ги било и готово.
Ама ако плаќа преку пошта и тие ќе се офајдат и јас ќе се спасам од кавга. Од пишаното нема бегање, а тоа е веќе извесен систем.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.












