Северна Македонија, Албанија и Косово ќе бидат вклучени во регионален проект „Обезбедување квалитет за работата на координаторите за врски со компаниите“ чија цел е да се зголеми квалитетот на стручното образование преку посилна комуникација на компаниите и училиштата, вмрежување на центрите за стручно образование и обука и развивање партнерства во приватниот сектор, пренесува МИА.
Проектот е двегодишен (2022-2024) и се надоврзува на претходниот – „Училиштата се среќаваат со компаниите“ (2018-2021) во кој во земјава беа обучени 80 координатори од средните стручни училишта за да бидат врска помеѓу училиштата и компаниите каде што се спроведува обуката и од чии резултати произлезе прирачник на македонски и на албански јазик.
Со останатите проекти за дуално образование, новиот региоанлен проект ќе влијае за намалување на невработеноста и за економски и социјален напредок на државата. Ќе биде спроведуван од Центарот за стручно образование и обука во соработка со Регионалната канцеларија за соработка на Австриската агенција за образование и интернационализација (OeAD) и Волонтерскиот центар Скопје.
Мадалена Коминчини, координатор за образование од OeAD, на официјалното отворање на регионалниот проект истакна дека меѓу резултатите што се очекуваат од него се помагање на бизнис-координаторите да ги унапредуваат своите вештини и врските со приватниот сектор, разработка на пакет на алатки за добри практики, мерки за обезбедување квалитет за поддршка на ефективност и комуникација на координаторите.
-Планираме различни активности – ќе работиме на национално, но исто така и на регионално ниво, особено во размената на искуства. Тоа ќе го направиме преку воспоставување национални заедници за учење, на регионално ниво ќе воспоставиме мрежи на бизнис-координатори како и практични обуки. Ќе организираме тркалезни маси за механизмите за обезбедување квалитет на работата на бизнис-координаторите и кампањи за подигање на свеста особено во компаниите – за да ги привлечеме да учествуваат во учењето преку работа. Со поврзување на компаниите и училиштата ќе се поддржи развојот на регионалните (ВЕТ) центри за стручно образование и јавните стручни училишта во трите земји, како и на центрите за стручно образование, рече Коминчини.
Заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу истакна дека МОН прави реформи во средното стручно образование преку редизајнирање на наставните програми и отворање нови образовни профили за да се продуцира кадар со вештини и компетенции кои ги бара пазарот на трудот, а ним ќе им обезбеди брзо вработување.
-Важно е што во овие активности не сме сами, имаме голема меѓународна поддршка. Во претходниот проект „Училиштата се среќаваат со компаниите“ беа обучени 80 координатори од средните стручни училишта за да бидат врска помеѓу училиштата и компаниите каде што се спроведува обуката. Резултатите од активности се импресивни. Ако во 2020/2021 сме имале 11 дуални паралелки, во идната учебна година 2022/2023 отвораме 223 дуални паралелки во соработка со 450 компании. Бројките покажуваат значајно зголемување на компании кои одлучија да соработуваат со стручните училишта и да им овозможат обука на учениците во реални производствени услови. Исто така, постојано се зголемува и бројот на ученици кои избираат средно стручно образование што е резултат на привлечните профили во дуалните паралелки, како и на промоцијата на дуалното образование и можностите што тоа ги отвора. Дополнително, стручното образование го стимулираме со 2220 стипендии за учениците од прва година, истакна Алиу.