Претседателот на Србија Александар Вучиќ, во интервју за ТВ Сител рече дека Премиерот Димитар Ковачевски жестоки ги бранел позициите на Република Северна Македонија на Самитот во Брисел.
,,Јас можам да посведочам на искрената борба на Ковачевски во Брисел за својата земја и својот народ”, рече Вучиќ.
Вучиќ посочи дека следи се што се случува и поддржува се она што неговите колеги Ковачевски и Рама го бараа во Брисел.
„Многу храбро, остро, не само на конференциите со новинарите туку и на самите средба посветена за Западен Балкан”, дополни Вучиќ.
Претседателот на Србија рече дека Северна Македонија и Албанија заслужуваат почеток на преговорите за членство во ЕУ. Според Вучиќ овие две земји одамна го заслужија членството заради својата посветеност, постигнатите резултати исполнувањето на се она што го бараа од нив.
„Јас за разлика од сите други не можам да зборувам на таков начин и немам право да зборувам на таков начин. Немам право да се мешам во внатрешните работи на македонските граѓани, народот и би било нефер да се однесувам онака како и сам не сакам да се пред српските граѓани однесувам”, рече Вучиќ.
Српскиот претседател истакна дека европскиот предлог не треба да се отфрлува пред да се размисли добро за националните интереси.
„Јас нормално не можам да ви кажам дали предлогот е добар или не, тоа нека го одлучат луѓето во Македонија. Јас можам само една работа да кажам, кога го прифаќавме Бриселскиот договор 2013 година, тоа беше многу тежок договор за нас со многу ставки за кои луѓето во Србија не сакаа ни да слушнат ни да ги прифатат. Македонските граѓани, пак ќе кажам тие подобро знаат од мене дали е нешто добро или не за националните интереси на нивната земја. Само ги молам луѓето да размислат, да размислат да не прифаќаат или да не отфрлаат нешто априори“, истакна Вучиќ.
Вучиќ упати порака до граѓаните во нашата земја, со апел за добрососедство и пријателство.
„Јас имам нешто кое што сакам да им го кажам на луѓето. Србија не сака ништо од Северна Македонија. Ние ве доживуваме вас како наши браќа, нас не ни треба територија од Северна Македонија, нас не ни треба јазикот, го признаваме македонскиот јазик. Нас не ни треба црквата, ја признаваме македонската црква. Нас не ни треба ама баш ништо, освен пријателство и добри соседски односи. Тоа е единственото што ни е потребно“, рече Вучиќ.
Д. М.