Еден од лидерите на Демократскиот фронт (ДФ), Андрија Мандиќ, го информирал претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, дека парламентарното мнозинство го предложило Миодраг Лекиќ за мандатар за состав на новата влада, објави црногорската агенција МИНА.
Во писмото до Ѓукановиќ, Мандиќ наведува дека партиите, победнички на изборите во 2020 година, ДФ, Демократска Црна Гора, Социјалистичка народна партија, Обединета реформска акција, Работничка партија, Обединета Црна Гора, Права Црна Гора, ЦИВИС и Демос, постигнале политички договор мандатар да биде Лекиќ.
Со договорот е овозможено да се избере демократска и легитимна влада, бидејќи на тоа се согласуваме сите ние кои го сочинуваме апсолутното мнозинство во Парламентот, со што се создадоа услови, согласно Уставот, мандатот за формирање на идната влада да му се довери на Лекиќ, истакна Мандиќ.
Тој нагласи дека разговорите на парламентарното мнозинство биле многу успешни и оти во досегашната работа поминале долг пат во договарањето на програмата и составот на новата влада, како и во подготовката на коалицискиот договор што ќе биде склучен непосредно пред нејзиниот избор во Парламентот.
Со вашето денешно доделување на мандатот, ќе се создаде неопходна основа за консолидација на општеството и ефективен одговор на социо-економската криза што го зафати целиот европски континент, вклучително и нашата земја, како и на безбедносните предизвици и проблеми што во долг временски период ја тресат земјата, наведува Мандиќ во писмото.
Тој очекува Ѓукановиќ да постапи исто како и во случајот со изборот на претходната влада и да покаже соодветна ефикасност за да може новата влада во исклучително краток временски период да се посвети на животните приоритети на Црна Гора.