Збирка од воени говори на украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде објавена на 24 ноември, а воведот во книгата го напиша самиот Зеленски.
Книгата ќе се вика „Порака од Украина“, вклучува 16 говори лично избрани од Зеленски и ќе содржи предговор на Аркадиј Островски, уредник на Економист за Русија и Источна Европа, пишува Гардијан.
Поддршката за Украина не е тренд, мем или вирален предизвик. Поддршката за Украина не е сила која брзо се прошири низ целата планета, за потоа брзо да исчезне. Ако сакате да разберете кои сме, од каде сме, што сакаме и каде одиме, треба да дознаете повеќе за тоа кои се Украинците. Оваа книга ќе ви помогне да го направите тоа, истакна Зеленски.
Приходите од продажбата на книгата ќе бидат донирани во фондот Јунајтед24 (United24) создаден од украинската Влада. Зеленски изрази надеж дека избраните говори ќе им помогнат на читателите да ги разберат Украинците, нивните аспирации, принципи и вредности.
Издавач е „Пингвин Рендом Хаус“ (Penguin Random House) во Велика Британија, а ќе биде објавена и во земји како САД, Германија, Шпанија и Португалија.