Премиерот Димитар Ковачевски, се обрати на централниот настан што во рамки на одбележувањето на денешниот голем државен празник 8 Декември – Свети Климент Охридски, се одржа во Националната и универзитетска библиотека во Скопје, под мотото „Свети Климент Охридски, извор на нашата духовност и образование“.
„Најдобар начин, да се оддаде должна и искрена почит кон безвременското просветителско, обединувачко и духовно дело, со кое што нè задолжи патронот на македонската култура, Свети Климент Охридски, е да се продолжи светиклиментовата мисија. Македонскиот јазик, којшто досега е познат и прифатен во сферата на книжевноста и на науката, денес е и политичка реалност во Европа и во светот.
Македонскиот јазик е рамноправен со јазиците коишто се употребуваат како службени во Обединетите Нации, со јазиците коишто се употребуваат како службени во НАТО, во Европската Унија. Ова значи дека македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во светот!“, истакна Ковачевски.
Потенцирајќи го значењето на свети Климент Охридски Ковачевски порача дека моќта и улогата на еден народ не зависат од неговата големина, од бројноста или според големината на неговата територија, туку според способноста да остане цврст во визионерските потфати, дури и кога тие на прв поглед изгледаат невозможни.
Своето обраќање Ковачевски го заврши со зборовите на свети Климент Охридски: „Тргај се од злото и чини добро“, коишто, како што нагласи во денешен контекст, повеќе од кога било, се значајни за светот што има потреба од добрина, чесност, љубов, разбирање и разум.