„Кога ќе сретнеш човек, дете што не може да гледа, ете не го одбегнувај, подај му рака и тоа срце знае да сака“, е една од строфите на песната „Подај рака“, дел од првата стихозбирка „Тајните на моето срце“ на десетгодишното девојче со оштететен вид, Јована Трајчевска.„Денес на ресенското поетско небо блесна нова ѕвезда, денес беше најубавиот ден исполнет со многу поезија и љубов, наречен – ден за промоција. Јована Трајчевска денес изгледаше како да има не знам колку книги објавено, а прва ѝ е, и тоа стихозбирка ‘Тајните на моето срце’. На промоцијата имаше солзи, имаше радост, имаше песна и смеа“, напиша владиката Пимен на својот Фејсбук профил.
На промоцијата малата поетеса Јована, штитеничка на училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов” во Скопје, добила подарок – папагал, и веднаш напишала песна за него, на новата машина со Брајово писмо, подарок од хумани луѓе.