„Мајкрософт“ го претстави чипот „Мајорана 1“, заснован на нова архитектура на тополошко јадро. Клучната иновација е специјален материјал наречен тополошки спроводник, кој овозможува создавање и контрола на честичките „мајорана“. Овие честички се уникатни во квантната физика бидејќи истовремено дејствуваат како честичка и своја античестичка, што ги прави различни од обичните честички како електроните.
Пробивот вклучува создавање и контрола на овие честички, кои може да се користат за создавање постабилни кјубити за квантни компјутери. За разлика од класичните компјутери кои користат ботови (0 и 1), квантните компјутери работат со кјубити, кои можат да бидат во повеќе состојби истовремено. Оваа својство им овозможува на квантните компјутери да решаваат одредени сложени задачи многу побрзо од конвенционалните, но кјубитите се многу нестабилни и чувствителни на интерференција од околината.
Решението на „Мајкрософт“, кое ги вклучува честичките „мајорана“, би можело да доведе до постабилни кјубити и да ја приближи квантната компјутерска технологија до практична употреба. Новата архитектура на чипот може да поддржи милион кјубити, што е клучно за практична употреба на квантни компјутери. За споредба, денешните најнапредни квантни компјутери имаат само неколку стотици кјубити.
Во практични термини, компјутер со милион кјубити би можел да ја револуционизира науката за материјали, еколошкото чистење и земјоделството, создавајќи материјали што се самопоправаат, наоѓајќи ефикасни начини за разградба на микропластика или развивајќи ензими што ќе помогнат за раст на културите во потешки климатски услови.
Сепак, ова достигнување не е без предизвици. Експертите апелираат на претпазливост, напоменувајќи дека иако развојот е значаен, следните чекори во квантното пресметување се сложени и вистински успех ќе биде потврден само кога технологијата ќе се покаже сигурна во пракса.
A.M.