Продолжува сагата наречена македонско здравство. Министерот во заминување, Никола Тодоров распиша тендер во вредност од 48.000 евра, или речиси три милиони денари за мерење на задоволството на пациентите од здравствените услуги?!
„Додека на Македонија ѝ се случува здравствен помор, каде пациентите се во агонија, здравството е во неизмерни долгови, а пратеник-министерот, кој бесправно е сè уште министер, распишува тендер за јавно мнение“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, доктор Ангелчо Андоновски, педијатар.
„Ова се граничи со тотално лудило и потценување на нашиот народ, пациентите и лекарите. Расипништво, во моменти кога нема ниту лекови, ниту материјали за основна работа, а бебињата постојано умираат поради лошите услови:! Осудата треба да дојде од сите страни поради ваквиот тотално безобразен и мизерен потег од сезнаечкиот пратеник-министер Тодоров“, вели Андоновски.
Ова е трет тендер за мерење на јавното мислење на пациентите. Претходните две години, случајно или не, истражувањата беа доделени на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), чиј координатор, Владимир Божиновски, е познат во јавноста како поддржувач на владеачката гарнитура.
Маја Ивановска