Во моќен и емотивен говор во Европскиот парламент, претседателката Урсула фон дер Лајен изјави дека Европската унија е подготвена да преземе силни, обединети мерки против зголемувањето на американските царини.
– Кога започна сонот за обединета Европа, тој започна со едноставна идеја: Да создадеме еден единствен пазар. Да ги скршиме бариерите и да ги намалиме царините. Тоа е она што не направи силни… Потоа во истиот дух, работевме со партнерите ширум светот – вклучувајќи ја и Америка. Изградивме врски за кои верувавме дека се нераскинливи, рече Фон дер Лајен.
Токму поради ова, според неа, многу Европејци се чувствуваат крајно обесхрабрени од најавите од САД за царините за увозот на челик, алуминиум, автомобили и автоделови, по што ќе следат и секторите за полупроводниците и фармацевтските производи и дрвната индустрија, а потоа може да се очекуваат т.н. „реципрочни царини“.
Европа не ја започна оваа конфронтација – но е подготвена да одговори со сила и стратегија. Од одбрана на нашиот единствен пазар до формирање на нови глобални сојузи, ова е клучен момент за економската иднина на Европа, рече Фон дер Лајен.
Го имаме најголемиот единствен пазар во светот. Имаме сила да преговараме. Имаме моќ да возвратиме. И народот на Европа треба да знае: Заедно секогаш ќе ги промовираме и браниме нашите интереси и вредности. И секогаш ќе се залагаме за Европа, истакна Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека царини ги прават работите полоши, а не подобри, повторувајќи го својот претходно изнесен став дека царините се даноци за Американците за нивните намирници и нивните лекови, кои ќе ја поттикнат инфлацијата.
– Американските фабрики ќе плаќаат повеќе за компоненти што се произведуваат во Европа. Ова ќе чини работни места. Ќе создаде бирократско чудовиште од нови царински процедури, а денес тоа никому не му треба – ниту во САД, ниту во Европа, посочи меѓу другото Фон дер Лајен.