Американското Министерство за образование синоќа објави дека ја замрзнува федералната поддршка за Харвард универзитет во износ од приближно 2,3 милијарди долари. Причината е одбивањето на универзитетот да ги исполни барањата на Белата куќа, вклучувајќи и укинување на програмите за различност, еднаквост и инклузија.
Во писмото до заедницата на Харвард во понеделникот, нејзиниот претседател Алан Гарбер рече дека Белата куќа испратила „ажурирана и проширена листа на барања“ во петокот заедно со предупредување дека универзитетот „мора да се усогласи“ за да ги задржи своите „финансиски односи“ со владата.
„Преку нашиот правен советник ја известивме администрацијата дека нема да го прифатиме нивниот предлог договор. Универзитетот нема да ја предаде својата независност или да се откаже од своите уставни права, изјави Гарбер.
Гарбер додаде дека универзитетот „не ја зема лесно“ својата обврска да се бори против антисемитизмот, но рече дека владата претерала.
„Иако некои од барањата наведени од владата се насочени кон борба против антисемитизмот, мнозинството претставува директно владино регулирање на „интелектуалните услови“ на Харвард“, рече тој, пишува Би-би-си.
„Изјавата на Харвард ја отсликува загрижувачката перцепција за граѓанските права која владее на врвните универзитети во САД – дека федералните средства не подразбираат обврска за почитување на законите“, се вели во соопштението на Работната група за борба против антисемитизам при министерството.
Министерството информираше дека се замрзнуваат 2,2 милијарди долари во грантови и уште 60 милиони во договори со универзитетот.