Судењето на речиси 200 лица, меѓу кои и новинари, уапсени за време на антивладини протести по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, започна во петокот.
Десетици лица, меѓу кои и новинари, се појавија пред суд во Истанбул, обвинети дека присуствувале на забранети демонстрации и не се придржувале до наредбите на полицијата за растурање на протестите што се случија поради затворањето на опозицискиот градоначалник на градот, Екрем Имамоглу.
Имамоглу, кој се смета за главниот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата 22-годишна власт, беше уапсен на 19 март и неколку дена подоцна затворен поради обвиненија за корупција.
Четворица фоторепортери и тројца новинари, кои известувале од протестите, исто така се најдоа на судење. Сепак, судот во петокот одлучи нивниот случај да го одвои од главниот процес.
Обвинетите се дел од повеќе од 2.000 лица кои беа уапсени поради учество во најмасовните демонстрации во земјата во изминатата деценија, пишува Еуроњус.
Затворањето на Имамоглу широко се смета за политички мотивирано и предизвика протести низ целата земја. Владата тврди дека правосудството во Турција е независно и дека судовите работат слободно.
Вкупно 189 обвинети, од кои поголемиот дел се универзитетски студенти, започнаа да се бранат од обвиненијата за учество во забранети протести и непочитување на наредби за растурање. Некои од нив се обвинети и за носење оружје, пишува Еуроњус.