Потпретседателот на Демократската унија за интеграција Бујар Османи, вечерва, преку објава на социјалните мрежи ја потврди кандидатурата за градоначалник на Општина Чаир на претстојните локални избори.
„По голем број консултации, по сериозно преиспитување, одлуката ја донесовме заеднички со луѓето кои се околу мене, да ја понудам мојата посветеност и да ја побарам довербата за да ја предводам нашата општина. Не се работи за функција, тие кои ме знаат, добро знаат дека сѐ што правам, во секој предизвик, влегувам искрено, влегувам целосно без никакви задршки. Се работи за одговорност кон сопствениот дом, затоа што граѓаните на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови, не заслужуваат да бидат игнорирани и омаловажувани“, стои во објавата.
Промените, додава, не се лесни и затоа, вели, долго размислувал пред да ја донесе одлуката да се кандидира за градоначалник за Општината.
„Се работи за моите соседи, за нас, за иднината на нашите деца; го прифаќам предизвикот затоа што онака како што пораснав јас во Чаир, сакам тука да растат и Мал, и Елиза и малиот Луан и нивните другарчиња. На Чаир му се потребни промени вистински, длабоки и човечки промени. Знам дека тие промени не се лесни, и затоа долго размислував пред да ја донесам оваа одлука. Јас не бегам од тешки мисии, напротив, верувам дека со чесна намера, секојдневна работа и професионален пристап, можеме да го промениме Чаир. Да го вратиме достоинството и да отвориме нова страница, со врата што никогаш нема да биде затворена за граѓаните, стои во објавата.
Вицепремиерот и министер за животна средина и еден од лидерите на коалицијата ВРЕДИ, Изет Меџити не ја исклучува можноста тој да биде кандидат за градоначалник на Општина Чаир на претстојните локални избори во октомври.
„Како ВРЕДИ деновиве очекуваме резултати од анкети од професионални агенции и тие ќе ни дадат ориентација кој каде ќе биде, но не го исклучувам и тоа како опција, изјави Меџити во интервју за ТВ Канал 5.
Меџити во интервјуто кажа дека ако ДУИ навистина излезе со Османи како кандидат дека и тие „ќе одговорат со иста артилерија“.
„Ако ДУИ оди со потпретседател и со членови кои биле кандидат за претседател на државата, министер за надворешни работи и ние ќе одговориме со иста „артилерија“, изјави Меџити.
За тоа што ВРЕДИ ќе им понуди на граѓаните од скопската општина Чаир, тој рече дека граѓаните гледаат дека Ахмети и ДУИ се даваат бидејќи немаат луѓе кои ќе трчаат на овие локални избори.
„Од 15 општини кои се со мнозинско албанско население пред да почне трката седум-осум од нив ги даде на алијансите. ДУИ ќе се натпреваруваат само во седум општини, но мислам дека во сегашниве околности каде ДУИ раководи со 11-12 општини во најдобар случај може да смета само на седум општини. Исто така се даваат на овие локални избори, се даваат само да си ја спасат кожата. Ние будно ќе ги следиме овие околности и случувања и ќе одговориме соодветно“, рече Меџити.
За актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу и нападите од актуелната градоначалничка Данела Арсовска, тој кажа дека се чекаат резултатите од анкетите, како и дека ги очекува официјалните информации од ДУИ кои ќе бидат нивните кандидати.
Тој ја обвини Арсовска дека не се занимава со градот Скопје туку само со општината Чаир, како и дека инцидентот во кој таа беше нападната бил поврзан со ДУИ. Ако сме до дивоградбите и кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, како што кажа тој, живее во дивоградба и затоа „не може да зборува за дивоградбите“, туку се скриени зад градоначалничката на Скопје за да ја искористат за време на кампањата.
Како министер за животна средина, запрашан за хигиената во Скопје, каде деновиве се одржува Европски младински олимписки фестивал, Меџити кажа дека тоа се ингеренции на Градот Скопје. Тој зборуваше и за владината поддршка за регионалните депонии.