Дел од Скопје утрово се разбуди во магла и загаден воздух. Во населбите Аеродром, Ново Лисиче видливста е намалена како да е зимско утро, вредностите на ПМ 10 и ПМ 2,5 се во црвената зона, а во воздухот и понатаму се чувствува мирис на изгорено.

Иако уште вчера Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи информираа дека пожарот во депонијата Вардариште е изгаснат и дека нема ниту чадење на заостанати жаришта, а Владата и Министерството за животна средина објавија забрана за движење на локацијата, очигледно е дека граѓаните на тој дел од градот ќе ги чувствуваат последиците подолго време.

Според мерните станици на мрежата Air Care, највисоки се вредностите на загадувачките честички во Лисиче, 90 микрограми на кубен метар ПМ 10 и 45 микрограми ПМ 2,5, и во Гази Баба 77 ПМ 10 и 32 Пм 2,5. Повисоки вредности на загадување има и во Аеродром, Мичурин и Реонски Центар.
Во средате, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека воздухот кој го дишат Скопјани иако изгледа загадено, мерењата не покажуваат зголемени токсични вредности, не биле алармантни параметрите на штетни честички кои би го загрозиле здравјето на граѓаните.
– Нема зголемени такви параметри кои што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но лошо е тоа да се прави. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето на кој му одговара да се случува сега? Кога ќе дадете одговор на ова прашање ќе ви стане јасно кој и зошто тоа го прави, изјави денеска Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Гази Баба, каде изврши увид во градежни активности на неколку проекти.
За разлика од него, вчера министерот за здравство Азир Алиу им препорача на Скопјани да не се движат на отворено, ако немаат потреба.
Д. Мишев