Властите на Северна Македонија вложуваат значителни напори, но земјата се уште не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе. Владата покажа генерално зголемени напори во споредба со претходниот период на известување, затоа Северна Македонија остана на Ниво 2, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департментот за трговијата со луѓе во светот за 2025 година.
– Овие напори вклучуваа истрага на повеќе сомнителни случаи на трговија со луѓе и гонење на повеќе обвинети. Владата ги зголеми целокупните напори за заштита, вклучително и идентификување на повеќе жртви, развивање нови стандардни оперативни процедури за мобилни тимови и зголемување на ресурсите за засолниште управувано од невладини организации за жртви на трговија со луѓе. Доделени се средства за фондот за компензација на жртвите, формирана е комисија за судење на случаи и воспоставена е група составена од преживеани за давање препораки за напорите против трговијата со луѓе, се посочува во извештајот.
Сепак, како што се наведува, не се исполните минималните стандарди во неколку клучни области. – Осудени се помалку трговци со луѓе, а Обвинителство за организиран криминал и корупција (ООККП) немаше доволно ресурси за да ги реши сите случаи под негова надлежност. Некои локални полициски и окружни обвинители не ги упатија потенцијалните случаи на трговија со луѓе до Работната група за борба против трговијата со луѓе или ООККП и користеа обвиненија за прекршоци со поблаги казни за гонење на трговците со луѓе. Владата не издвои средства за мобилни тимови кои ги идентификуваат повеќето потенцијални жртви секоја година, и покрај претходните обврски за тоа. Не е обезбедена специјализирана помош за машките жртви и немаше долгорочни услуги за поддршка за сите жртви. Поради недоследно скринирање од страна на локалната полиција и некои гранични служебници, властите не презедоа ефикасни мерки за да спречи несоодветно казнување на потенцијалните жртви за незаконски дела извршени како директен резултат на трговијата со луѓе. Продолжува и сместувањето на странски потенцијални жртви во транзитниот центар без слобода на движење, стои во извештајот на Стејт департментот.
Во него се посочени и препораки за земјава за подобрување на состојбата, меѓу кои, енергично истражување, гонење и процесуирање на кривичните дела поврзани со трговија со луѓе, вклучително и оние во кои има соучесници, изрекување соодветни казни за осудените трговци со луѓе, што треба да вклучува и значителни затворски казни.
– Потребо е да бидат издвоени доволно ресурси за заштита на жртвите, вклучително и за мобилните тимови за идентификација, за засолништето за жртви на трговија со луѓе и за поддршка на специјализирани услуги за возрасни машки жртви. Да се зголемат напорите за проактивно идентификување на жртвите на трговија со луѓе преку конзистентно скрининг за трговија со луѓе кај ранливите популации, вклучувајќи ги лицата во комерцијален секс, мигрантите, бегалците и другите популации изложени на ризик. Да се дадат доволно ресурси на полицијата и обвинителите за проактивно истражување на трговијата со луѓе и навремено гонење на случаите. Да се обезбеди жртвите да не бидат несоодветно казнувани само за незаконски дела извршени како резултат на трговијата со луѓе, стои во препораките.
Се препорачува и подобро и побезбедно сместување за потенцијалните странски жртви на трговија со луѓе и дозволување на жртвите да ги напуштат засолништата по своја волја, воспоставување пристап до алтернативно сместување на жртвите по напуштањето на засолништето или кога засолништето е полно.
– Потребно е и воспоставување механизми за да се обезбеди дека сите потенцијални случаи на трговија со луѓе се упатуваат до специјализирана полиција и обвинители. Да се воспостави специјализирана обука за судии, обвинители и органите за спроведување на законот за истраги и гонења фокусирани на жртвите, како и да му се даде овластување на националниот известувач за успешно следење и евалуација на напорите против трговијата со луѓе, се вели во извештајот на Стејт департмент за трговијата со луѓе.
Извор: МИА
Фото: принтскрин