Грчки научници го реконструираа лицето на девојка која живеела во денешна Тесалија пред 9.000 години, со што може да видиме како изгледале луѓето во Мезолитот.
Тинејџерката е наречена Авги (во превод од грчки: „зора”), оти се претпоставува дека живеела во зародишот на цивилизацијата. Заби и коски на девојката биле најдени во 1993 година, во пештерата Теопетра во Тесалија. Се смета дека Авги имала меѓу 15 и 18 години.
Професор ортодонт Манолис Папагрикоракис изработил силиконска реконструкција на лицето, а со помош и на глинен калап на главата.
Девојчето има испакната челуст, веројатно поради тоа што луѓето тогаш практикувале да џвакаат животинска кожа, како и – „гневен израз на лицето“.
Прашан зошто Авги изгледа бесна, професорот се пошегува: „Невозможно е таа да не е бесна во таа епоха”.
– Авги била анемична и веројатно страдала од скорбут (недостаток на витамин Це). Има и показатели за проблеми во бедрата и други делови од телото, што веројатно и создавало тешкотии во движењето и придонеле за нејзината смрт, смета професорот.
Според информации од грчкото Министерство за култура, пештерата Теопетра била населена уште пред 100.000 години. Тука се пронајдени орудија од добата на Палеолитот, Мезолитот и Неолитот, како и садови од Неолитот.
Лицето на Авги е изложено во музејот во атинскиот Акропол.
Извор: МИА
[divide]
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.
Одговорноста за редакциското опремување на текстовите (наслов, наднаслов, фотографија, тагови) е на ЦИВИЛ Медиа.