Критиката не служи да деморализира,
служи да мотивира.
Другар ми треба да се всели во нов стан, во нова зграда.
Во зградата сега за сега се вселени само две семејства. Тие ќе бидат третото. „Први ќе ја орате нивата“, викаше дедо ми Војо за нешто што меѓу првите го прави човек. „Има тоа некои свои предности, банални се, но ги има“, додаваше на крајот и отпиваше од вињакот.


Другар ми женет е веќе десет години. Има и две деца. Десет години живеат со неговите и знам колку не му е пријатно да седат таму. Не е дека пречат, но сепак. За станов зел кредит, нормално со помош на татко му, и едвај чека да се оттргне од таму бидејќи сака да си изгради свое катче за живот. Пет години чекаа на овој момент. Веќе неколку месеци се договараме на овој ден да бидам слободен бидејќи ќе му биде потребна помош за кревање. Што да правиш, ние сме стара школа, другарите секогаш се тука за сè, и искрено се надевам дека така ќе остане засекогаш. Да си помагаме едни на други.
Во празниот сè уште невселен стан сме: тој, татко му, тројца другари, меѓу кои и јас и уште неколку професионални работници кои си ја бркаат својата работа.
Во она што би требало да биде дневна соба на средината има неколку празни гајби од пиво свртени обратно, глумат – столици, маси, помагалки за поткачување кога нешто треба да се земе од плакарите, масички за јадење итн.
„Алтернатива бе брат“ другар ми ќе каже на шала. Иако за мене не е шала. Вистина е. Сме се снашле.
Некаде околу 14 часот правиме пауза. Седнуваме на импровизираните столици. Татко му на другар ми од малото фрижидерче вади пиво. Точи за сите во пластични чаши од 0.4. Точи и за мене. Седнува до мене и ми ја подава чашата. Назравуваме. Тој отпива.
„Се вработи ли?“, ме прашува од како длабоко голтна од пивото.
„Не“, возвраќам, со блага насмевка.
„Протестираше лани, така?“, ми вели.
„Да“, одговарам.
„Кај шарените, со син ми заедно, така?“, продолжува.
„Мхм.“, кусо возвраќам и го вртам погледот. Се трудам да избегнам било каква тема за политика бидејќи тука сме дојдени за убави работи.
„Тури пиво тато“, вели другар ми од другата соба, каде што прави последни корекции пред да дојде камионот со креветите за децата.
Татко му става пиво за сите. Јас го пијам одеднаш. Жеден сум.
„Полека бе не се нервирај“, ми вели татко му на другар ми.
Не можам да проценам дали е ироничен, но не обрнувам внимание. „И, викаш не те вработија, а? Тоа ти е. Останавте со прстот у уста. Гледај што се случува, едните се на една цицка, другите се на друга цицка, а вие, вие останавте во средина. Уште да клекнете и таман ќе сте си. И син ми и ти“, продлжува.
Од срце се насмевнувам. Никој толку точна формулација не дал за тоа каде сме после сè. Но, гледам дека нему не му е смешно, што дури и продолжува: „Глумите општествено одговорни. За кого бе? Не знам како до сега не сфативте како стојат работите, ама ај вие си знаете. Само немој после да ми кукате дека немате за леб, дека ви е тешко, дека овој не ве разбирал, оној не ве разбирал, дека системот бил ваков, онаков… И, ај, ај, ај … ај да се фатиме за работа има уште многу. Не можам да зборам на темава се нервирам!“
Ништо не му возвраќам. Стануваме и одиме во детската соба. Почнуваме да работиме. Ја средуваме собата. Чекаме да стигне камионот кој треба да ги донесе двата детски кревета. Молчиме. Таму сме, татко му на другар ми, другар ми и јас. Петнаесетина минути подоцна одоздола свири камионот. Тројцата слегуваме долу. Камионот со креветите чека пред влезната врата на зградата. Сами ќе треба да ги качиме до горе, до петтиот кат.
И додека се качуваме по скалите другар ми застанува да направиме пауза на третиот кат.
„Ме болат рацете“, вели другарот. Стоиме. И одеднаш почнува: „Види бе тато, не е дека не знаеме како стојат работите, ама некој мора да остане и да ја следи целата приказна меѓу двете страни. Некој мора да остане со ладна глава. Дополнително што ни јас, ниту пак Војо никогаш не сме биле дел од било каква политичка опција, ниту пак некогаш ќе бидеме. И јас, а и тој најодговорно ќе ти потврдиме дека тоа е најдоброто нешто што можело и на двајцата да ни се случи во животот, да не заземеме страна“.
„Тогаш зошто одевте на протести бе?“, нервозно прашува татко му.
„За да го искажеме револотот, бидејќи и двајцата сметавме дека во тој момент државата оди, не во крив правец, туку во обратна насока. Никогаш нема да заборавам кога се протестираше во 2012 за буџетот и кога и двајцата нè прашаа на кој страна ќе бидеме. На која страна да бидам? Единствено можам да бидам на онаа на страна на која се раскажуваат приказните. Јас сум уметник, мене ми е обврска да раскажувам и да не престанам да го правам тоа. Никогаш! Тогаш и двајцата се согласивме дека ова е одличен материјал за филмска серија, театарска претстава, филм, изложба, инсталација, книга … иако и двајцата знаеме колку е болна целата ситуација и бевме со исчадени глави желни за подобро утре, бидејќи и на двајцата децата ни растат тука, барем засега. Се разбира дека сме на страната за тоа Македонија да биде модерна, нормална, слободна држава, тоа никогаш не ни било тема, но, пред се’ и после се’, ние сме на страната на уметноста, а таа има обврска да го раскажува животот политички непристрасно и општествено одговорно!“
„Ајде беееее, што направивте со креветот, ќе се стемни!“, викна еден од мајсторите кои се наоѓаа на петтиот кат.
„Ајде треба да одиме“, рече татко му на другар ми, „Нервозни се мајсторите“.
* * *
Вселувањето беше вчера, една седмица подоцна од денот кога работевме. Станот беше тип топ. Мириса на ново. На вселувањето се постави маса на средината на дневната. На неа имаше многу храна и пиење. Татко му на другар ми прилично се напи. Беше среќен дека децата му се „скрасуваат“, што е и нормално.
Некаде пред заминување седна до мене и со јазик што се преплетува и очи што не знаат каде гледаат ми шепна на уво:
„Политички непристрасна уметност, а? Општествено одговорни. Ха, а бе немој после и двајцата да ми кукате како немате за леб. Ок?“












