Десет затвореници во тетовскиот затвор не успеале да си го остварат правото на глас на денешното гласање за Референдумот кога гласаат лицата на издржување затворска казна, болните и дијаспората. Причината што тие биле лишени од правото на глас е што ги нема на дополнителниот Избирачки список, затоа што биле уапсени, односно упатени в затвор, по рокот за пријавување.
Избирачкиот одбор не им дозволил да гласа на десет затвореници во тетовскиот затвор. Од Општинската зборна комисија во Тетово одговорија дека сѐ уште не го добиле материјалот од избирачките места каде денеска гласале немоќни и болни лица и лица сместени во казнено – поправните домови. Според нив, прво треба да ги видат записниците од Избирачкиот одбор, а потоа ќе ни одговорат на нашето прашање.
За подетални информации, нè упатија да се јавиме во Подрачното одделение на ДИК во Тетово. Од таму нѐ известија дека доколку затворениците немаат лични документи не можат да гласаат. Според наши информации, лицата имаат исправни лични документи. Како и да е, главното прашање е: Како може да се провери дали овие лица ги има на Избирачкиот список?
Нашиот извор потврди дека од Избирачкиот одбор им ветиле на затворениците дека ќе проверат, па ќе видат дали нешто можат да направат за да гласаат утре. Што е невозможно.
Во подрачното одделение ни рекоа ние да им доставиме матични броеви на затворениците, па тие ќе провереле. Друга службена алтернатива не постои. ЦИВИЛ нема овластување да располага со приватни податоци како што е матичниот број.
Конечниот одговор на ОИК Тетово, по повторна консултација, остана дека штом не се пријавиле до крајниот рок за да се најдат на дополнителниот Избирачки список – немаат право на глас.
Што се однесува до конечниот одговор на подрачното одделение на ДИК Тетово, тие немаат надлежност да донесат одлука и нѐ упатија да се обратиме во „централата“ – ДИК во Скопје, со образложение дека одлуки можат да носат само членовите на ДИК, а тие можат само да ги спроведат донесените одлуки.
Затвореник не може ниту да оди до ОИК, ниту да се јави, бидејќи според законот не им следуваат телефони. Едноставно, ОИК може да им излезе во пресрет и да провери во дирекцијата на затворот дали имаат евиденција за уште затвореници, дали некој се пожалил за неостварено право на глас и низа други постапки што може да им помогне на луѓето да го остварат своето основно човеково право – правото на глас.
Од Државната изборна комисија одговорија дека затворениците се водат на адреса на живеење, па така, единствена можност за остварување на гласачкото право е ако Управата на затворот одлучи да ги пушти.
„Видете, во еден момент и дополнителниот Избирачки список мора да се затвори. И вчера да се заклучил Избирачкиот список, денеска пак ќе има притворени“, беше одговорот на Љупка Гугучевска од ДИК.
Податоците, пак, што беа побарани од ЦИВИЛ (матичните броеви на затворениците), ги има раководството на затворот. Останува фактот дека 10 затвореници се пријавиле да гласаат, а не биле на дополнителниот список, Избирачкиот одбор ги видел, ги проверил и има информации за кои лица се работи. Но, тие денеска не гласаа.
Биљана Јордановска, Арбен Зеќири
илустрација: Мирослав Стојановиќ – Шуки