Денеска во Собранието се закажани пратенички прашања, а премиерот Зоран Заев времето поминато во законодавниот дом ќе го искористи и за средби со лидерите на албанската опозиција, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и Билал Касами од БЕСА.
Средбата доаѓа во период кога власта е во потрага по 80 пратенички гласа за да се донесе новиот Закон за јавно обвинителство со кој се решава и судбината на СЈО.
Средбите со помалите партии уште од претходно ги најави Заев, додека со најголемата опозиција ВМРО-ДПМНЕ веќе се одржаа две средби.
Трета средба на работните тимови е закажана за денеска во 18 часот во Министерството за правда. Таа следува откако опозицијата испрати 60 амандмани за Предлог-законот.












