На денешната прес конференција на организациите вклучени во проектот ,,За првда -заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување’’, беа презентирани наодите од вториот мониторинг бриф за реформите во правосудството во периодот декември 2018-март 2019 година. Наодите од мониторингот се засноваат на четири параметри: транспарентност, вклученост, почитување на временската рамка и имплементација.
Според извештајот, во овој период има делумна транспарендтност и вклученост на граѓанските организации во донесувањето на законите поврзани со судството.
,,И покрај декларативните заложби за соработка со граѓанските организации, сепак во пракса, законите како што е Кривичниот законик и тој за јавното обвинителство, беа подготвувани без наше учество, што го сметаме за голем пропуст и тоа не говори дека има сериозна заложба да бидеме вклучени во овие важни процеси за нашата земја’’ нагласи Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот Комитет.
Што се однесува до почитувањето на временските рамки, наодите покажуваат дека предвидените рокови не се испочитувани, а имплементацијата за многу од законите сè уште нема.
Уште еден заклучок во оваа тромесечие е решавањето на СЈО. Според извештајот, некои од нив навидум се решаваат, а други дополнително се продлабочуваат.
Нада Наумовска од ФООМ нагласи дека клучно прашање е дали трансформацијата на СЈО ќе даде правна разрешница за наводите за сторен криминал. Наумовска потенцираше дека главната забелешка е постапката во која се носи овој закон.
,,Кога се носеше првиот закон бевме во политичка и институционална криза. Сега не сме во таква ситуација. Ако тогаш беше оправдано, сега не е случај. Амандманите се нешто што треба да се разгледува, но законот во целост треба да е ставен на расправа на засегнатите страни и граѓанските организации’’, истакна Наумовска
Проектот ,,За правда-заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување’’, со поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија, го спроведуваат Хелсиншкиот комитет за човекови права, Институтот за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници.












