По изјавата на министерката за правда, Рената Дескоска, дека во најскоро време предлозите за СЈО треба да бидат преточени во закон и ставени на седница, како услов за препорака од ЕУ, Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се јави со реакција на Фејсбук и истакна дека Собранието работи според Деловник, а не по диктат.
„Собранието на Република Северна Македонија работи согласно Деловникот, а не врз основа на диктат, а уште помалку според одредени индивидуални претензии, па дури тие да се и на еден министер, било кој и да е“, напиша Џафери.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери на вчерашната средба со новинарите беше категоричен и рече дека нема да закаже седница дури и да се договорат власта и опозицијата околу Законот за Јавно обвинителство, зошто не сака да биде искористена за водење предзиборна кампања.