„Поради зголемениот интерес на медиумите во врска со предметот познат под името „Империја“, ја информираме јавноста дека Врховниот суд на Република Северна Македонија на 27 март 2019 година, донесе решение по предметот заведен под ВКЖ1.бр.19/2019, со кое ја уважи жалбата на бранителот на обвинетиот С.М., адвокат Љупчо Шврговски од Скопје и решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ.бр.116/19 од 28.02.2019 година го преиначи на начин што ја укина мерката куќен притвор и го пушти обвинетиот да се брани од слобода веднаш по приемот на решението“, стои во соопштението на Врховен суд, со што официјално му се укинува домашниот притвор на Сашо Мијалков, но само за случајот „Империја“.
Одлуката за укинување на притворите во „Империја“ следи откако на 30 јануари судот донесе начелно правно мислење дека Катица Јанева и нејзините обвинители не се овластени тужители за предмети и за истраги отворени по истекот на 18 месеци откако ги презеле „бомбите“, рок кој истече на 30 јуни 2017 година.
Мијалков, сепак, останува во домашен притвор, мерка одредена од Апелациониот суд за случајот „Титаник 2“. Рокот од 60 дена почна да тече на 8 март кога беше изречена пресудата за „Титаник 2“, а ако се има предвид дека во пракса се потребни повеќе месеци за второстепениот суд да се произнесе за пресудите и тие да станат правосилни, тоа значи дека мала е веројатноста до почетокот на мај Апелација да донесе одлука за првостепената пресуда во овој случај на СЈО.