По информациите што протекоа во јавноста дека со пописот на населението што престојува или живее во странство ќе се манипулира, денеска дилемите ги расчистуваше и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски. Неговата изјава доаѓа по вчерашната изјава на портпаролот на Владата, Муамед Хоџа, дека нема недоразбирања околу предло-законот меѓу коалиционите партнери, едноставно не дошол на ред на владина седница.
„Во однос на стравувањата дека ќе има било какви злоупотреби во овој дел, нека не се плаши никој. Со оглед на тоа што во овој попис ќе се користи комбиниран метод сè ќе се проверува. Не може да се протне никој. Од друга страна ќе се користат сите правила што ги препишува меѓународната заедница во однос на пописот и во однос на дефинирање на категориите на населението… сите овие стравувања што ги читам неделава по порталите дека ќе се попишуваат луѓе што не постојат, луѓе што починале… сето тоа ќе се проверува. Ние како институција добиваме податоци за секое дете што ќе се роди во странство, меѓутоа, за жал, и за секој што починал“, изјави директорот на Завод за статистика, Апостол Симовски.
Статистика нема колку жители има во странство, поради што и се прави пописот, потенцираше Симовски. Тој исто така рече дека на неговото мислење да нема графа етничка припадност, јавноста реагирала поинаку и тие како институција мора да ја послушаат јавноста.
Одговарајќи на новинарско прашање колку потпишувачи ќе има на терен, Симовски одговори дека ќе оди само еден попишувач, а само во оние мешани средини каде што има лица од различни етнички заедници што говорат различен јазик, заради можноста да се попишат на сопствениот јазик, ќе има двајца па и повеќе попишувачи.
А. Зеќири
Обработка на текст и монтажа: Б. Јордановска