Македонија и Грција се соочија со лажни вести од почетокот на преговорите за Преспанскиот договор се до ратификацијата на протоколот за членство во НАТО на државава. Констатациите произлегоа од конференцијата во Атина, каде што присуствуваат министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и неговиот грчки колега, Никос Папас.
Манчевски нагласи дека најголемата пропаганда против договорот беше најшироко распространета за време на референдумот и уставните измени.
„Оваа средба верувам дека ќе помогне за зголемување на соработката, не само помеѓу институциите туку и помеѓу медиумите и граѓанските организации. Но, мора да бидеме искрени и истовремено да си дадеме признание дека патот до тука воопшто не беше лесен. Лажните вести и дезинформациите беа една силна алатка во рацете на непријателите на Договорот од Преспа“, додаде Манчевски.

Грчкиот министер за дигитална политика, телекомуникации и медиуми, Никос Папас, ја истакна потребата од соработка меѓу двете земји за борба против лажните вести преку демократските средства.
„Мислам дека за кампањата со лажни вести против Преспанскиот договор, некој треба да добие Нобелова награда“, рече Никос Папас.












