Денес, драги мои, вашиот омилен ФБ пријател, Младиќот со кристалната топка, слави еден мал јубилеј. Имено, денес се навршуваат точно 4 години од почетокот на хајката на медиумските послушници на режимот на Груевски, денови кога неколку телевизии и весници и десетина и повеќе портали масовно ја лажеа јавноста, преставувајќи една вербална расправија како физички напад, па дури и обид за убиство!
„Изворот“ на таа лага која масовно се ширеше со денови и месеци, а богами и години, беше човекот со кој ја започнав таа вербална расправија, Бобан Нонковиќ, поради неговите континуирани навреди и клевети кон мене во неговите медиумски „производи“ и јавни настапи, а и навредите кон мене на национална основа во приватна електронска комуникација. „Изворот“ не отиде да го пријави наводниот напад во полиција (нели тоа го прават луѓе ако некој физички ги нападне или се обиде да ги убие?!), туку кај медиумските началници, кои потоа отвораа вести со мене, а во емисии го анализираа мојот и профилот на целото мое семејство.
А зошто сето тоа се случуваше, ќе прашате? Јас бев една од метите во граѓанскиот сектор и новинарството, дадени за „отстрел“, „спружување“, јавно блатење, оцрнување на Нонковиќ и фамозното друштво од Ленинова, само затоа што мислевме поинаку од режимот на Груевски, и не се плашевме јавно да го соопштиме тоа пред граѓанките и граѓаните и јавноста во Македонија, а и пошироко.
Бидејќи свечените обраќања треба да се кратки, имам две поенти и поуки, пред сѐ за себе, во врска со оваа моја мала прослава:
– Нема да заборавам дека во моја одбрана не застана ниту едно професионално здружение или медиумска организација. Дури непријатно ме изненадија ставови кои се обидуваа да ја изедначат мојата „вина“ со онаа на Нонковиќ, кој подолго време претходно, под закрила и заштита на режимот, плукаше без никаква основа не само врз мене, туку врз десетици други новинари, граѓански активисти и други личности од јавниот живот. Исклучоците од оваа фактичка состојба се бројат на два прста, па ќе ја искористам и оваа прилика да им се заблагодарам на Бранко Героски и Џабир Дерала, единствените кои со јавно објавени ставови застанаа во моја одбрана.
– 99% од текстовите, написите и содржините објавени како дел од таа хајка се избришани. Веќе не постојат. Ерор 404. Пиши – бриши. Покрај единственото јавно извинување за тие хајки кое го добив од колегите од Канал 5 (за што сум им неизмерно благодарен), тие непостоечки содржини се најголемото признание за „вистинитоста“ на тие вести.
Во тоа име, за крај, да ви најавам дека овој пост не завршува тука, туку продолжува во коментари. Д бест оф. Ќе ги постирам линковите што постојат, од текстовите што веќе не постојат. Да ги поздравиме и уште еднаш јавно истакнеме нашите пиши-бриши ерор 404 медиумски „јунаци“. За многу години нека е!
#Error404
#NieSmeLudaci
#AluminiumToTheMaximum