Премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, преку видео порака денеска се обрати на граѓаните и истакна дека на овие избори се носи клучна одлука за нашата земја и иднината.
„Дали одиме напред, дали продолжуваме со развиениот свет или ќе дозволиме блокада на нашите шанси и ќе се вратиме назад во лошото минато? Во изминатите две години сп ваша поддршка ги решивме најтешките прашања со соседите и ги отворивме перспективите за земјата и ве уверувам дека ќе продолжиме уште посилно да ги решаваме и внатрешните проблеми кои ги мачат граѓаните“, истакна Заев.
Заев додаде дека во тек е зголемувањето на социјалната помош за три пати, драстично намалување на казните за фирмите и граѓаните, почеток на повратот на ДДВ за секој жител и обезбедување финансиска помош за домашните фирми со кои се поддржуваат нови и добро платени работни места.
„Дел од овие придобивки ги кочи сегашниот претседател, не ги потпишува законите со кои овие придобивки треба да стапат на сила. Нам не ни треба нов кочничар. Ни треба некој што влече напред, а не некој што кочи и блокира“, вели Заев.
Заев ги повикува граѓаните на 5 мај да ги остават на страна поделбите и да се сплотат пред изборот и одлуката.