Во пресрет на гласањето во вториот круг на претседателските избори се засилува пропагандата со лажни вести. Истражувањето на една медиумска содржина открива дека најновите лажни вести пристигнуваат од сомнителни извори кои, пак, се поврзуваат со Русија или содржат „руски елементи“.
Порталот „Инфомакс“ кој „оперира“ на македонско тло, познат по своите контроверзни содржини и лажни вести, денеска објави вест каде што се претендира дека „свиркач“ на нивна адреса испратил СМС комуникација меѓу членови на штабот на Стево Пендаровски, според кој, наводно, се координираат акции за крадење гласови на изборите на 5 мај.
Веста не содржи извори или други убедливи аргументи, својствени на професионална медиумска содржина, туку две слики кои креираат впечаток на хакерски содржини што можат да излажат само наивни и неупатени во основите на електронската комуникација. Што е уште поинтересно, лесно се утврдува дека истата содржина е координирана со еден прилично сомнителен портал, под називот Мина Репорт (www.minareport.com), кој објавува содржини на англиски јазик: http://www.minareport.com/2019/05/03/sds-officials-3pm-is-our-cutoff-stuff-ballot-boxes-after-to-achieve-turnout/.
Уште на прв поглед, се гледа дека Мина Репорт објавува проруски пропагандни содржини од руски автори. На врвот на порталот се забележува и реклама (банер) кој повикува да се бојкотираат изборите, но нема никакви официјални обележја, ниту нарачател или име на автор на рекламата, што е законска обврска на медиумите во нашата земја. Нејасно е потеклото на веб страницата, нема седиште, ниту редакција.
Пораката на највидливиот рекламен банер на Мина Репорт е слична со онаа на структурите кои повикуваат на бојкот на изборите (Бојкотирам). Да се потсетиме, овие структури неретко и самите меѓусебно се обвинуваат дека работат за проруски центри и дури дека се финансираат од фондации од Русија. По деталното прегледување на светските побарувачи на веб страници, се доаѓа до изненадувачки податок дека домејнот на Мина Репорт е слободен кај легалните продавачи на домејни и хостови.
Симптоматично за оваа очигледно руска веб страница е и тоа што е регистрирана само една недела пред крвавиот напад на Собранието на 27 април 2017, кога насилници влегоа во Собранието на Северна Македонија и нападнаа пратеници и новинари.
Многу елементи на ова „откритие“ на Инфомакс и Мина Репорт оставаат простор за дополнителни сомнежи за законитоста на работењето на овие веб страници дека користат ресурси што може да се најдат на црниот интернет пазар.
Арбен Зеќири
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.