Албанскиот премиер Еди Рама најави дека владата ќе ги обнови опожарените и изгорени куќи а сите земјоделците кои го загубиле добиток во пожарите исто така ќе бидат обештетени.
„Никој нема да биде оставен сам и без поддршка од владата и од државата за да се врати во подобар дом и да добие соодветна отштета за изгубениот добиток. Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, вети Рама во директна комуникација на Фејсбук.
Проценката и надоместокот на штетите предизвикани од пожарите ќе се спроведуваат во секоја засегната општина, според посебна постапка, која започнува со нивна идентификација од страна на тимовите за попис и проценка на штетите формирани од општините.
Тимовите, кои веднаш ќе бидат испратени на терен, ќе вршат попис на штетите врз куќите и други објекти, инфраструктурата, бизнисите, земјоделските култури и механизација, и пополнуваат обрасци со финансиски трошоци.