Со Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници сакаме администрацијата да ја деполитизираме и да ја направиме потранспарентна и поефикасна во давање на услуги за граѓаните и со новите законски решенија нема да може да се злоупотреби алатката балансер, изјави министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити на денешната јавна расправа за овие два закони организирана од МИОА.
Со оглед на тоа што во последно време многу се зборува за злоупотреба на алатката балансер, министерот посочи дека со новото законско решение, таа повеќе нема да може да се злоупотребува.
– Тоа значи дека кандидатот кој ќе аплицира за одредена работа, откако еднаш ќе селектира националност Македонец, Албанец, Турчин или друга националност, истата нема да може да ја промени, како што е ситуацијата со ЕМБГ, што не може да се промени, рече Алити.
Тој напомена дека ќе се воведат одредени реформи во администрацијата, бидејќи како што рече, во постоечката законска рамка има таков вакуум што им дава можност на политичките партии да вработуваат нивни послушници.
– Постојат ситуации каде без тестирања и без соодветни документи можеа да се вработат лица во јавен сектор. Тоа ние сега сакаме да го коригираме. Доколку ги видите членовите од законите сега, ќе видите дека и процесот на вработување сега е многу потранспарентен и навистина има мерит систем при вработувањето, додаде Алити.
Министерот најави дека се работи и на Законот за висока раководна служба.
– Нашиот таргет е дека до крај на оваа година односно до декември да имаме финализирана драфт верзија на Законот за висока раководна служба. Ние како МИОА сакаме сите овие закони да ги одобриме и да одат истите во Парламент. Очекуваме политички поддршка од сите, бидејќи навистина нашиот пристап како Министерство е да ја направиме администрацијата како што треба, додаде Алити.