Вкупно 39 граѓани пријавиле проблеми со кои се соочиле во некоја од здравствените установи, а некои од нив се непрофесионално однесување, игнорирање пациенти, мито, доцнење во пружање здравствена услуга. За ова денеска информираше Азир Алиу, министерот за здравство, на прес-конференција во Владата по повод еден месец од неговото министерување.
„39 лица поставиле прашања, ги имаат наведено и здравствените институции во кои се соочиле со проблем. За да бидеме сигурни дека она што го пријавиле е точно, имаме канцеларија која се занимава само со овие прашања. Со овие споменати институции ќе имаме состанок. Во моментов нема да обелоденам за кои здравствени институции станува збор“, рече Алиу.
Тој кажа дека министерството креира политики за здравство и ги следи состојбите во здравството.
„Ако има елементи за понатамошно процесуирање, ние ќе ги пријавиме овие случаи. Рано е да се именуваат клиники, оти ни ние не сме сигурни дека овие информации се точни“, појасни тој.
По повод една година работа на Владата и еден месец откако тој раководи со ресорот здравство, Алиу кажа дека биле зголемени платите, дека успешно го решиле недефинираниот статус на приватните специјализанти.
„Младите лекари не се оставени сами. Стојам зад секој здравствен работник, градиме систем во кој ќе се изрази довербата. Прв пат е ажурирана позитивната листа на лекови. Во првиот месец, институцијата ја доближивме до граѓаните. Кабинетот на министерот е алатка за директна комуникација и слух. Граѓанинот има право на одговор, а ние имаме обврска да реагираме“, рече тој, информирајќи и за здравствените установи кои се реконструирани или се во план да се реконструирааат.
Алиу во петокот имаше отворен кабинет за граѓаните, на кој слушнал добри идеи, а некои од нив му се пожалиле дека не добиле здравствени услуги.
Во врска со проблемот на кој укажаа дијабетичарите, односно, за барањето на министерството да разгледа дали пациентите што користат терапија, тој кажа дека сите процеси и секоја услуга ќе била базирана на податоци.
„Имав средба со нив, и денес ќе имам средба со дел од експертскиот тим и ќе излеземе со решение кое нема да биде на штета на дијабетичарите, тоа ве уверувам. Сите маки што ги имаат ми ги кажаа. Овој пристап не е само за таа група, туку и за пациентите со ретки болести и за други пациенти“, рече Алиу, пренесе МЕТА.