Според најновото национално истражување на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), СДСМ со 19% води пред ВМРО-ДПМНЕ со 16% за локалните избори.
СДСМ води пред ВМРО ДПМНЕ во Скопје со значителна разлика од 21% наспроти 16%.
СДСМ води и во другите градови, во некои и повеќе од двојно па дури и тројно. Во Куманово, СДСМ води 28% наспроти само 7% од ВМРО-ДПМНЕ, во Штип, СДСМ има 34% а ВМРО-ДПМНЕ има 15% рејтинг .
Во Охрид СДСМ води со 22% наспроти 16% од ВМРО-ДПМНЕ.
Трета партија е ДУИ со рејтинг од 8 отсто, а зад неа се Алијанса за Албанците и Левица со поддршка од по 4 отсто од гласачите.
Во главниот град, на прашањето за чиј кандидат за градоначалник би гласале, од 744 испитаници 21 отсто одговориле дека нивниот глас би завршил за кандидатот на СДСМ, 16 за кандидатот ВМРО-ДПМНЕ, 8 отсто за ДУИ, 7 отсто за ДПА и 4 отсто Левица. 20 отсто од испитаниците одговориле дека не знаат за кого би гласале, додека 10 отсто одговориле дека нема да гласаат.
Иако поддршката за зачленувањето кон ЕУ е висока, таа сепак е помала во однос на анкетите од 2020 и 2018 година.
79 отсто од јавноста е „за“ процесот на пристапување кон Европската унија, додека 18 проценти се против.
Според ИРИ, врз овој тренд влијание имаат одложувањата во процесот на пристапување, како и самото вето од Бугарија.
На прашањето „што Северна Македонија треба да преземе во односите со Бугарија за да се деблокира процесот“, 33 отсто од испитаниците одговориле дека „земјава не треба да прифати какви било барања од Софија“, 29 проценти рекле дека „не треба ништо да се преземе зашто ЕУ членките би требале да ја притиснат Софија“, додека 25 отсто од прашаните одговориле дека „треба да продолжат разговорите со Бугарија без да се загрозуваат националните позиции“.
Податоците од ова истражување се објавија на ден пред посетата на премиерот Заев на Софија, каде ќе се сретне со државниот и политичкиот врв на Бугарија.