Градоначалничката Данела Арсовска денеска го назначи Александар Јовановски за нов в.д. директор на ЈП Комунална хигиена – Скопје.
Александар Јовановски, како што соопштија од Град Скопје, на позицијата директор на Комунална хигиена – Скопје доаѓа како инспектор во Секторот за инспекторат во Град Скопје, а претходно искуство има и во Секторот за локален економски развој.
Јовановски, додаваат оттаму, има повеќегодишно искуство во приватниот сектор во трговија како раководител на организациска единица, а со работен ангажман во Здружение за заштита и унапредување на животната средина работел на реализација на еколошки и општествено одговорни проекти.
Тој има високо образование за менаџмент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и стекнат меѓународен сертификат за Институционални пристапи за заштита на животната средина.
-Со своето образование, професионално искуство и ангажман во јавниот и приватниот сектор, Јовановски ќе придонесе во КХС Скопје за унапредување на стандардите на јавното претпријатие, модернизација на системите за управување со отпад и одржување на чиста, здрава и еколошки одговорна животна средина во градот Скопје, се наведува во соопштението.
Претходно денеска Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена – Скопје побара од Арсовска итно да назначи нов в.д. директор.
Во допис до градоначалничката УО посочи дека сите ингеренции и надлежности да назначува и разрешувате директори на претпријатието го има исклучиво таа.
-Како Управен одбор на ЈП Комунална хигиена – Скопје ве информираме дека, спротивно на вашите тврдења, сите ингеренции и надлежности да назначувате и разрешувате директори на ЈП Комунална хигиена – Скопје ги имате исклучиво ВИЕ. Согласно член 24, став 2, член 23 став 3 од Законот за јавните претпријатија и член 40 од Статутот на ЈП Комунална хигиена-Скопје (во прилог) исклучиво ВИЕ како градоначалник на Градот Скопје имате ингеренции да именувате в.д. директор на ЈП Комунална хигиена – Скопје, имајќи во вид дека состојбата во претпријатието ИТНО го налага тоа. Би сакале да ве потсетиме и дека во текот на изминатите четири години токму ВИЕ именувавте пет в.д.директори на ЈП Комунална хигиена – Скопје и разрешивте четири од нив, стои во документот на УО, насловен како „Итна ургенција“, а кој беше испратен до медиумите.
Во документот стои и дека при крај се резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в.д.директор.
Фото: Град Скопје












