Австралија го протера иранскиот амбасадор во Канбера откако разузнавачката агенција на земјата откри дека Иран стои зад најмалку два антисемитски напади на австралиска територија, пренесува Си-ен-ен.
Австралиската безбедносно-разузнавачка организација (ASIO) го поврза Корпусот на иранската Исламска револуционерна гарда (IRGC) со два палежи минатата година, насочени кон ресторан во сопственост на Евреи во Сиднеј и синагогата Адас Израел во Мелбурн, изјави премиерот Ентони Албанезе на прес-конференција.
„Ова беа вонредни и опасни акти на агресија оркестрирани од странска нација на австралиска територија“, рече Албанезе.
На иранскиот амбасадор, Ахмад Садеги, и на тројца други дипломатски службеници им се дадени седум дена да ја напуштат земјата, рече Албанезе. Ова е прв пат Австралија да протера странски амбасадор од Втората светска војна.
Австралија, исто така, ги суспендираше операциите во својата амбасада во Иран за безбедноста на своите конзуларни службеници, а Австралијците во Иран беа повикани да ја напуштат земјата.
Д. Мишев