Австралија ќе признае палестинска држава на Генералното собрание на ОН во септември, по слични потези од Велика Британија, Франција и Канада, изјави премиерот Ентони Албанезе, пренесува Би-би-си.
Албанезе рече дека Австралија добила ветување од Палестинската самоуправа (ПА), вклучително и демилитаризација, одржување општи избори и продолжување на признавањето на правото на постоење на Израел.
„Решението со две држави е најдобрата надеж на човештвото да го прекине циклусот на насилство на Блискиот Исток и да се стави крај на конфликтот, страдањето и гладот во Газа“, рече тој во понеделник.
Израел, под зголемен притисок да ја заврши војната во Газа, изјави дека признавањето палестинска држава „го наградува тероризмот“.
Албанезе рече дека одлуката е донесена откако неговата влада добила ветување од претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас дека Хамас нема да игра никаква улога во која било идна држава.
Според Албанезе, овој потег доаѓа и по разговорите со неговите колеги во Велика Британија, Франција, Нов Зеланд и Јапонија во текот на изминатите две недели.
Д. Мишев