-Нашата земја е отворена за проширување на заемно полезна соработка со сите земји кои се подготвени за заедничка работа околу изнаоѓање одговори на големите современи предизвици и закани, за фер и рамноправно партнерство врз основа на општопризнатите норми на меѓународното право, на почитување и на водење сметка за заемните интереси. Врз овие принципи, повеќе од четвртина век ја градиме соработката со Република Северна Македонија со која во јануари ја одбележавме 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, рече рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, во Прилеп.
На новинарското прашање каква е соработката помеѓу Руската Федерација и Македонија, амбасадорот Баздникин вели дека е одлична, но може да биде уште подорба.
-Соработката е одлична, но може да биде подобра. Работиме со вашата влада за да ја подобриме соработката во областите кои одговараат на заедничките интереси, изјави амбасадорот Сергеј Баздникин.
И прилепскиот градоначалник Илија Јованоски испрати порака за соработка помеѓу државите.
-Не сакаме никогаш да се повторат ниту Првата ниту Втората светска војна. Ова треба да биде едно предупредување дека сите недоразбирања, конфликти меѓунационални, меѓудржавни, меѓусоседски да се решаваат на мирен начин, со дијалог, со меѓусебно почитување, со соработка и сѐ во интерес сите заедно да одиме во Европа зашто тоа е иднината на сите нас, рече Јованоски.












